
Програмата, наречена „Месечен маратон“, предвидува учесниците секој ден да пешачат околу половина час, со што во текот на еден месец би поминале приближно 42 километри, односно должината на една маратонска трка, пренесува Би-би-си.
Соработка со Брендан Фостер
Учесниците ќе можат да ги евидентираат своите прошетки преку интернет, мобилни телефони или паметни часовници, а оние што успешно ќе го исполнат месечниот предизвик ќе имаат право на различни поволности, вклучувајќи награди и попусти.
Програмата се развива во соработка со поранешниот освојувач на олимписки медал Брендан Фостер, основач на Големиот северен маратон, кој, на покана на НХС Англија, учествуваше во креирањето кампања за охрабрување на граѓаните да се движат повеќе.
Иницијативата е дел од 10-годишниот здравствен план за Англија, кој има за цел да ја зголеми физичката активност на населението и да го намали товарот врз здравствениот систем.
Смртоносна физичка неактивност
Според податоците на НХС, физичката неактивност е поврзана со еден од шест смртни случаи, додека луѓето кои имаат помалку од 30 минути умерена физичка активност неделно се сметаат за физички неактивни.
Истражувањето на „Спорт Ингланд“ покажа дека до ноември 2025 година, речиси една четвртина од возрасната популација на Англија, или околу 12 милиони луѓе, спаѓале во таа категорија.
Според проценките на властите, лицата кои пешачат најмалку 30 минути петпати неделно можат да го продолжат очекуваниот период на здрав живот за дури четири години.

Македонски



