Skip to main content

Мицкоски: Одржливоста веќе не е избор, туку предуслов за конкурентност

МИА

Во последните години зборот одржливост стана еден од најчесто употребуваните во светската економија. Но зад тој збор не стои само нова регулатива, нов стандард или нов административен процес. Зад него стои суштинска промена во начинот на кој функционира светот. Денес, не се успешни само компаниите што произведуваат квалитетен производ. Успешни се оние што знаат како одговорно да управуваат со ресурсите, како да инвестираат во своите луѓе, како да создаваат доверба кај инвеститорите, партнерите и потрошувачите – рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на настанот „Претворање на одржливоста во конкурентност: Градење отпорни бизниси во неизвесен свет“.

Затоа, како што истакна, кога се зборува за национална визија за одржлив развој, не се мисли само на екологија, зелени политики или на усогласување со европските стандарди.

Зборуваме за модел на економски развој, кој создава сигурност. За држава што е отпорна на кризи. За институции што создаваат доверба. За стопанство што е способно да се натпреварува на најразвиените пазари. За економија што создава можности за младите да останат овде, да основаат компании, да инвестираат и да ја градат својата иднина дома. Денес, светот е значително се разликува од оној што го познававме пред неколку години. Војните, енергетската криза, нарушените синџири на снабдување, инфлациските притисоци и новите геополитички поделби покажаа дека економската стабилност повеќе не може да се зема здраво за готово – потенцира Мицкоски.

Во такви услови, според него, одржливоста престанува да биде избор – таа станува предуслов за конкурентност.

Компаниите што навремено ќе се приспособат ќе имаат пристап до нови пазари, до нов капитал и до нови инвеститори. Оние што ќе инвестираат во енергетска ефикасност, дигитализација, иновации и знаење ќе бидат компаниите што ќе го водат економскиот развој во следната деценија – порача премиерот.

Затоа Владата, истакна Мицкоски, ја гледа својата улога како активен партнер на стопанството.

Наша обврска е да создадеме предвидлива деловна клима, ефикасни институции, модерна инфраструктура, квалитетно образование и регулаторна рамка што нема да ги кочи инвестициите, туку ќе ги поттикнува. И кога зборуваме за резултати, не зборуваме за бројки сами по себе. Зад секој економски показател стојат илјадници човечки приказни. Стои нечија нова работа. Стои новоотворена фабрика. Стои повисока плата. Стои семејство што полесно ги покрива месечните трошоци. Стои млад човек што одлучил својата иднина да ја гради овде – рече Мицкоски.

Затоа е важно, додаде, да се погледнат фактите.

Ако погледнеме наназад, ќе видиме дека во периодот од 2017 до 2023 година просечниот економски раст изнесуваше речиси 1,8 процент. Денес веќе зборуваме за сосема поинаква динамика. Во 2024 година економијата порасна за 3 проценти, во 2025 година за 3,5 проценти, а и во текот на оваа година ја задржуваме стабилната позитивна траекторија на раст. Тоа не е случајност. Тоа е резултат на враќањето на довербата, на стабилизирањето на јавните финансии, на активната поддршка за инвестициите и на заедничката работа со приватниот сектор. Истовремено, успеавме да се справиме со еден од најголемите економски предизвици со кои се соочи Европа. Инфлацијата, која во 2022 година достигна 14,2 проценти и сериозно го наруши животниот стандард на граѓаните, денес е значително пониска. Во мај годинава таа изнесуваше 4,8 проценти, и тоа во услови кога светот сè уште се соочува со неизвесност и последиците од глобалната енергетска и економска криза – нагласи премиерот.

Но, најважниот економски показател, оцени, не е само растот на БДП. Најважниот показател е дали луѓето живеат подобро.

Денешниот форум го организира канцеларијата на ОН во соработка со Стопанската комора и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Покрај премиерот, обраќања ќе имаат и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, евроамбасадорот Михалис Рокас, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, како и Рита Колумбија, постојаната координаторка на ОН во земјата.(МИА)

Поврзани вести