
Финансиски сме консолидирани, за 18 проценти ни е зголемена наплатата оваа година. Мислам дека сме стабилни и ќе можеме на сите предизвици да одговориме во наредните три години, онака како што планираме, изјави градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Во врска со капиталните инвестиции посочи дека заклучно со третиот квартал реализацијата е 1,1 милијарда денари, што, рече, е „за 50 проценти повеќе од првата година на Петре Шилегов и 40 отсто повеќе од времето на Данела Арсовска“.
Мислам дека тоа е, ако земеме предвид дека 5,2 милијарди, до крајот на годината би имале околу две милијарди, повеќе од една третина се за капитални инвестиции, што не било случај години наназад, изјави градоначалникот вечерва во емисијата „Директно“ на ТВ Телма.
За разлика од минатото, сега ребаланс на буџет на Град Скопје, рече, се прави за средствата од заштеда на одредени постапки и проекти да се реалоцираат за нови проекти кои кореспондираат со неговите предизборни ветувања.
Соопшти дека со краткиот ребаланс на буџетот што претстои се предвидува паралелна изградба на два објекта за средните училишта во Драчево и во Ѓорче Петров,.
Еве, ексклузивно, две нови училишта коишто паралелно ќе почнеме да ги градиме. Тоа е ново училиште на местото на ветеринарното и гимназијата во Драчево и училиштето во Ѓорче Петров, каде што, за жал, во 21 век средношколците учат во бараки, рече Ѓорѓиевски.
Додаде дека со изградбата на Лимак, од првично планираните средства биле остварени заштеди и биле реалоцирани за да се започне постапката за нов кружен тек на влезот во Скопје од страната на Сарај и нов мост, нешто што, рече, било ветувано со децении наназад во главниот град.
За втората фаза на Лимак, подземната сообраќајница „Македонија“, по проект и по буџет ни беа предвидени 1,1 милијарда денари, во тендерска постапка цената падна на 750 милиони денари. Остатокот од средствата ние ги реалоциравме и затоа беше ребалансот, за да започнеме постапка за нов кружен тек на влезот во Скопје од страната на Сарај и нов мост. Проект којшто е ветуван триесетина години во главниот град, истакна Ѓорѓиевски.
Како што рече, предизборно ветил само реализација на првата фаза на подземната сообраќајница „Македонија“, но дека до крајот на мандатот таа ќе се реализира во целост.
Лимак или подземната сообраќајница „Македонија“ – во кампањата ветив дека ќе ја реализирам само првата фаза, а тоа е влезот на Кисела Вода кон тунелите што се планираат, но до крајот на мандатот ќе ја реализираме во целост. А тоа е сериозен проект, додаде Ѓорѓиевски.

Македонски




