Skip to main content

Димитриеска-Кочоска: Јавниот долг во првиот квартал е 58,9 проценти од БДП

Јавниот долг во првиот квартал од 2026 година изнесува 58,9 проценти од БДП, што е под нивото при преземањето на мандатот со проекциите што ги имаше претходната влада. Тоа е суштинската разлика во начинот на кој ги водиме јавните финансии. Ние не создаваме дефицит за тековна потрошувачка, создаваме простор за инвестиции што ќе генерираат нов економски раст – рече денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во отчетот за сработеното изминативе две години.

Како што истакна, во изминатиот период се зголеми реализацијата на капиталните инвестиции во патната инфраструктура, железниците, енергетиката, образованието, комуналната инфраструктура, одбраната и безбедноста.

Се гради и тоа граѓаните може да го забележат и сами. Еден од најдобрите показатели за тоа како се менуваше економската политика во овие две години е токму буџетската политика. Воведовме нов пристап во управувањето со јавните инвестиции. Со формирањето на Комитетот за јавни инвестиции почнавме системски да ги утврдуваме приоритетите врз основа на јасни критериуми, финансиска одржливост и реална подготвеност на проектите. Заврши времето кога капиталните инвестиции постоеја само на хартија. Денес, јавните средства се насочуваат кон проекти што се подготвени, оправдани и носат најголема корист за државата. Во овие две години силен акцент ставивме и на подобрувањето на деловното окружување. Ги усогласивме царинските стапки за 70 суровини и репроматеријали, кои ги користи домашната индустрија, со оние на ЕУ, со што директно ги намалуваме производствените трошоци на компаниите и ја подобруваме нивната конкурентност. Оваа мерка е резултат на директен дијалог со стопанските комори и претставува уште еден чекор кон целосно усогласување со европските царински политики. Oбезбедивме и 250 милиони евра поволни кредити за домашните компании, со што им дадовме силна финансиска поддршка за нови инвестиции, модернизација на производството, зголемување на конкурентноста и отворање нови работни места – истакна министерката.

Таа потсети дека е обезбедена поддршка од речиси 250 милиони евра за општински капитални проекти за локални патишта, водоводна и канализациска инфраструктура, градинки и училишта. Овие два столба, рече, претставуваат нов модел на развој – централно и локално инвестициско партнерство.

Во Министерството, информира, активно се работи на ревидирање на Законот за ДДВ, данокот на добивка и данокот на личен дохот, како и на нов царински закон, со цел да се воспостави поедноставен систем, поголема наплата на приходите и дигитализација на процесите и услугите. Воведен е и OECD Pillar 2-системот, односно донесена е соодветна законска и подзаконска регулатива за глобален минимален данок, истовремено со неговото воведување и во рамките на ЕУ. Овој систем предвидува 15 отсто минимален ефективен данок за компании со добивка над 750 милиони евра и обезбедува директен буџетски приход и голем структурен ефект во насока на спречување даночна конкуренција.

Го донесовме новиот Закон за игрите на среќа и забавните игри, кој воведува повисока заштита на граѓаните, особено на младите, посилна контрола врз приредувачите, повисоки стандарди за интегритет и поефикасна борба против перењето пари. Исто така, со изменетото законско решение обезбедивме и значително поголеми приходи во буџетот преку зголемување на надоместоците за приредувачите на игрите на среќа. Ваквата одлука следува по направена анализа на состојбите на пазарот, а земајќи ги предвид зголемените профити и непроменетите надоместоци во овој сектор повеќе од 10 години. Во периодот 2024 – 2026 година значајно ги зајакнавме контролата и следењето на работата во овој сектор, што резултира со одземање две лиценци за приредување игри на среќа и едно овластување за техничка исправност на автоматите на предлог на Министерството за финансии. Постапувано е по повеќе поплаки од граѓани, при што се преземени соодветни мерки и се побарани контроли од надлежните институции – рече Димитриеска-Кочоска.

Истовремено, додаде, се подготвуваат измени и на законската рамка за финансиските друштва, со кои дополнително ќе се зајакнат заштитата на граѓаните и стабилноста на финансискиот сектор.

Воедно, јавноста по долг период, посведочи на конкретни мерки преземени од страна на Министерството за финансии. Тоа го потврдуваат и резултатите од извршените теренски и вонтеренски надзори во периодот од 1 јули 2024 година до 30 јуни 2026 година. Во овој период беа одземени пет дозволи за работа на финансиски друштва, изречени беа глоби во вкупен износ од 2,58 милиони денари, односно околу 41.900 евра, на 18 финансиски друштва, издадени се 55 писмени наредби за отстранување утврдени неправилности, а во еден случај беше изречена и мерка привремена забрана за вршење дејност во времетраење од 30 дена. Докажавме дека немаме дилема кога треба да се примени законот во која било смисла. Во извештајниот период, преку Секторот за трезор при Министерството за финансии, беше обезбедено континуирано и непречено функционирање на платниот промет за буџетските корисници, со обработка на просечно 160.000 налози за плаќање на месечна основа, односно приближно 2 милиони налози годишно. Истовремено, беа зајакнати кадровските капацитети на 17-те трезорски канцеларии, вклучително и повторното отворање на трезорската канцеларија во Гевгелија, со што се подобрија ефикасноста и достапноста на услугите – потенцира министерката.

Според неа, во согласност со новиот Закон за буџетите, беа ажурирани постојните и донесени се нови подзаконски акти, а преку соработка со Министерството за финансии на САД и Меѓународниот монетарен фонд беа унапредени практиките за управување со ликвидноста и владината финансиска статистика. Како резултат на тоа, Министерството за финансии почна редовно да објавува квартални и годишни податоци во базите на ММФ и Светската банка, со што се зголемија транспарентноста и усогласеноста со меѓународните статистички стандарди.

Реформите ги насочивме и кон градење посилни институции. Ја активиравме Академијата за јавни финансии, го презедовме претседавањето со Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите – ЦЕФ, а преку регионална и меѓународна соработка продолжуваме да ги унапредуваме капацитетите на јавната администрација. Презедовме активности за зајакнување и развој на пазарот на капитал на домашно и регионално ниво преку унапредување на соработката меѓу релевантните институции и создавање услови за нови можности за финансирање на компаниите и инвестирање. Во насока на развој на домашниот пазар на капитал и диверзификација на изворите на финансирање, успешно продолживме со издавањето на граѓанските обврзници. Третата емисија предизвика исклучително голем интерес, при што 1.543 граѓани инвестираа над 2 милијарди денари, односно речиси 33 милиони евра – зголемено повеќекратно од првично планираниот износ. Ова е силна потврда на довербата што граѓаните ја имаат во економските политики и во државата. Претходните две емисии, во вкупна вредност од 41,1 милион евра, беа целосно и навремено исплатени заедно со пресметаната камата потврдувајќи ги сигурноста и довербата во овој финансиски инструмент – рече Димитриеска-Кочоска.

Паралелно, информира, се работи на дигитализација на процесот за издавање и запишување на граѓанските обврзници, со цел тие да станат поедноставно и подостапно инвестициско решение за граѓаните.

Во периодот што следува ќе продолжиме со фискалната консолидација, со дигитализацијата на јавните финансии, со борбата против сивата економија, со подобрување на даночната администрација, со модернизација на финансискиот систем и со создавање уште подобри услови за домашните и странските инвеститори – најави министерката.

Таа го спомна и новиот глобален предизвик – воениот конфликт на Блискиот Исток, кој, како што посочи, предизвика сериозни нарушувања на светските пазари, особено кај енергентите.

Тоа создаде ризик од нов ценовен шок и дополнителен инфлаторен притисок. За да го ублажиме ценовниот шок, донесовме мерки за намалување на ДДВ за нафтените деривати од 18 на 10 проценти, како и намалување на акцизата за дизелот и бензините, со цел да го намалиме притисокот врз цените на горивата, да ја ограничиме инфлацијата и да ги заштитиме граѓаните и стопанството. Македонија е мала и отворена економија и не може да остане изолирана од глобалните случувања. Но, она што можеме и што го покажавме во овие две години е дека со навремени, одговорни и добро таргетирани политики можеме успешно да ги амортизираме последиците од надворешните кризи. Затоа и понатаму остануваме посветени на зачувување на ценовната стабилност, заштитата на животниот стандард и создавање предвидлива економска средина за граѓаните и стопанството – потенцира Димитриеска-Кочоска.

Министерката се осврна и на спроведувањето на реформската агенда 2024 – 2027.

Реализиравме осум од вкупно 22-та чекори што досега ги исполни државата, односно 36 % од сите исполнети чекори се на МФ, со што придонесовме за одобрување 142,1 милиони евра средства во рамките на планот за раст на Европската Унија. Донесовме нов Закон за јавната внатрешна финансиска контрола, целосно усогласен со европските стандарди, ги завршивме сите подзаконски акти од Законот за буџетите, воспоставивме нов систем за управување со јавните инвестиции и ги зголемивме транспарентноста и ефикасноста во јавните набавки. Овие реформи не се само исполнување на европските критериуми, туку создаваат поефикасни институции, подобро управување со јавните средства и подобри услови за економски раст и инвестиции. Сето ова има директно влијание врз добрата макроекономската состојба во државата – истакна министерката.

Во областа на управувањето со средствата од ЕУ, комплетирана е, рече, институционалната рамка за спроведување на ИПА III-повеќегодишните оперативни програми и обезбедени се 160 милиони евра неповратни грант-средства преку модалитетот на индиректно управување за ИПА. Дополнително, воспоставено е долгорочно решение за задржување и мотивација на кадарот ангажиран во управувањето со ИПА-фондовите преку обезбеден додаток на плата од 15 до 30 н% на основната плата.

Истовремено, обезбедивме брзо надминување на прекинот на исплатите во рамките на ИПАРД III преку спроведена серија мерки и активности од страна на националните структури и постигнавме рекордно ниво на искористеност на средствата со 11 % реализирани исплати и 29 % склучени договори, што ја позиционира државата меѓу најуспешните корисници на ИПАРД-средствата. Паралелно, почна реализацијата и успешно се завршија многубројни проекти финансирани преку ИПА, насочени кон подобрување на транспортната инфраструктура, заштитата на животната средина, образованието и социјалната политика – нагласи Димитриеска-Кочоска.

На прес-конференцијата во Владата со неа се и заменик-министерот Николче Јанкуловски, државниот секретар Андријана Матлиоска, како и директорите на институциите во состав на Министерството за финансии – директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, директорот на Управата за финансиско разузнавање, Кујтим Ибиши, директорката на Бирото за јавни набавки, Маре Богева, директорот на Управата за имотноправни работи, Зоран Крстановски, и директорот на Државниот девизен инспекторат, Африм Ќоку.

Димитриеска-Кочоска се осврна детално и на сработеното во овие институции. Овие две години, рече, беа обележани со координирана работа, професионална посветеност и заедничка одговорност во спроведувањето на политиките.

Поврзани вести