Skip to main content

„Празното столче“ Во Тетово ја отвори дебатата за жените во политиката

Како дел од националниот караван „Носи ја промената“ (Wear the Change), инициран од Делегацијата на Европската Унија, амбасадите на земјите членки на Европската Унија (Team Europe) и мрежата на Јуроп хаус, на вчера во Јуроп хаус Тетово се одржа панел-дискусијата „Празното столче: Жените во политиката“.

Настанот ја отвори темата за недоволната застапеност на жените на позициите на политичко одлучување и јазот помеѓу законските решенија и нивната примена во практиката. И покрај квотата од најмалку 40 проценти жени на изборните листи, во актуелната Влада има само три министерки, додека само четири од вкупно 81 општина се предводени од градоначалнички.

Во панелот, модериран од Андреа Угриноска, извршна директорка на „Тииит! Инк.“, учествуваа пратеничката Моника Зајкова, амбасадорката на Холандија, Н.Е. Озлем Џанел, и амбасадорката на Германија, Н.Е. Петра Дрекслер. Тие ги споделија своите лични и професионални искуства, како и европските практики за поголемо учество на жените во политичкиот живот.

Во дискусијата беше нагласено дека квотите сами по себе не се доволни доколку жените немаат реален пристап до раководни позиции и процесите на одлучување. Панелистките зборуваа и за значењето на поддршката од семејството, менторите и сојузниците, но и за потребата жените да веруваат во сопствената способност да предводат.

Настанот предизвика голем интерес кај локалната публика, а во интерактивната дискусија се вклучија студенти, млади луѓе и активисти. Главната порака беше дека празното столче не е резултат на недостаток на способни жени, туку на системи и општествени пречки кои сè уште не им овозможуваат еднаков пристап до политичката моќ.

Караванот „Носи ја промената“ продолжува низ повеќе градови во државата, отворајќи јавни разговори за родовата еднаквост, граѓанското учество и еднаквата застапеност во процесите на одлучување.

Поврзани вести