Skip to main content

Клековски во Здравство, нова титула добива и Митева – ова се новите функции по реконструкцијата на Влада

Досегашниот директор на Фондот за здравство Сашо Клековски ќе го преземе Министерството за здравство во новата реконструкција на Владата, дознава „Република“. На негово место на чело на ФЗОМ дојде досегашниот министер за локална самоуправа, Златко Перински.

Нови министри ќе добијат Министерствата за правда, Министерството за култура и туризам и Министерството за односи меѓу заедниците, каде ќе отидат кадри од Вреди. Сегашниот министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ ќе го замени Перински, додека Министерството за социјална политика ќе го превземе Ѓоко Велковски.

Министер без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите ќе биде Ерџан Демир, кој доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски попладнево на прес-конференција соопшти дека со владината реконструкција неговата партија го добива Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кое ќе биде раководено од досегашниот државен секретар во Министерството Борче Серафимовски.

Една од позначајните структурни промени е одлуката да не се именува потпретседател на Владата задолжен за добро владеење. Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во денешното интервју на „Телма“ рече дека смета дека овој концепт е поефикасен доколку биде директно под ингиренции на неговиот кабинет.

Ценам дека како концепт би бил најпродуктивен доколку биде дел од мојот кабинет. Таму веќе имаме секретари задолжени за следење на реализацијата на програмата на Владата и за владините политики,“ истакна премиерот, додавајќи дека на овој начин се намалува бројот на членови на Владата, а се зголемува ефикасноста.

Мицкоски потврди дека се во тек интензивни преговори со Турската демократска партија (ТДП) за влез во владината коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија во моментов има еден пратеник во Собранието.

Разговараме за подолг период, стратешко партнерство кое би траело до локалните избори во 2029 година. Со ова дополнително ќе се зголеми владиното мнозинство, изјави Мицкоски.

На денешната седница на Изршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ беше изгласан и нов претседател на Унијата на млади сили – Тодор Коневски, кого во партијата го сметаат за млад и перспективен човек со силна енергија.

Нова претседателка на Унијата на жени е владиниот портпарол, Марија Митева.

Поврзани вести