Skip to main content

Театарска претстава „Кокошка“ на Скопско лето

На 01.07.2026г. – среда, со почеток во 20:30 часот во Едукативниот културен центар – Лабараториум, ќе се одигра театарска претстава „Кокошка“ на Независниот театар Вортекс во копродукција со НУ Театар Комедија.

Претставата „Кокошка“ е создадена според Николај Кољада, во режија на Теодора Силјаноска.

Костимограф е Maрија Пупучевска, соработник за сценски движења Дарко Велиќ, изборот на сценографија и музика е на Teoдора Силјаноска, додека дизајнер на плакатот е Михаил Велески. Фотографиите се на Луција Спасовска.

Играат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Toме Станковски и Кристина Гиева.

„Кокошка“ се занимава со копнежот по слобода, љубов и соништа во свет што станува сѐ постуден и апатичен. Низ апсурд, импровизација и баналност, ликовите создаваат жив театарски чин како начин да се справат со сопствениот внатрешен хаос и извитоперените вредности што ги опкружуваат. Налик на џезери, импровизатори, аматери и големи професионалци тие играат против непредвидливото и тешко изговорливото. Во срцето на претставата е младоста, која како бесна глиста вража и ги буди заспаните копнежи за нешто поубаво. „Кокошката“ е немирна, искрена и гладна за промена, судрена со стравот, рамнодушноста и затворениот систем.

Театар Вортекс (Скопје, Македонија) е независен театарски колектив посветен на современата изведувачка уметност, интердисциплинарната соработка и општествено ангажираната уметничка експресија. Kолективот обединува млади театарски уметници кои истражуваат физички театар, поетска драматургија и експериментален сценски јазик, преку авторски продукции, работилници и меѓународни соработки.

Поврзани вести