Skip to main content

25 години градска меморија: Заврши јубилејното 25. издание на „Битола отворен град“

По четири дена исполнети со музика, уметност, дебати и средби, викендов заврши јубилејното 25. издание на „Битола Отворен Град“ фестивал кој веќе четврт век претставува едно од најзначајните обележја на урбаната култура во Битола и Македонија.

Со повеќе од 30 програмски содржини реализирани на десетина локации низ градот, годинашното издание уште еднаш ја потврди својата препознатлива мисија, културата да излезе од затворените простори и да стане дел од секојдневието, улиците, парковите, локалите и местата каде што луѓето природно се среќаваат.

Фестивалската програма започна со изложбата „Ела поблиску“ на Тони Соколов и традиционалната „Вечер со пријателите“, на која настапија Пијан Славеј и Добрила Грашеска. Следуваа концерти на домашни и регионални артисти, меѓу кои LELEE од Словенија, Суперхикс кои во Битола го имаа својот 300-ти концерт, Осми Дан од Србија, битолските Eruption, како и настапите на демо-бендовите кои уште еднаш потврдија дека фестивалот останува простор каде што новите генерации ја добиваат својата шанса.

Посебно место во програмата имаа традиционалната Берза на винили, Triple DJ Attack со артисти од Македонија, Србија и Грција, DJ работилницата со Herzel, едукативната работилница „Money Talks – Финансиска писменост за новата генерација“, како и јавната дискусија „Дали сме навистина добро?“, која отвори важни теми за менталното здравје и современото општество.

Во текот на четирите фестивалски денови, „Битола Отворен Град“ повторно ги поврза музиката, визуелната уметност, едукацијата, активизмот и независната културна сцена, претворајќи ја Битола во отворен простор за идеи, креативност и дијалог. Но, бројките се само дел од приказната. Зад секоја сцена, концерт, изложба и работилница стоеше тимот на Младинскиот културен центар Битола, волонтерите, техничари, соработници, партнери, локали, институции и поддржувачи кои со својата посветеност покажаа дека фестивал од ваков формат може да постои само кога зад него стои цела заедница.

Во време кога културните настани најчесто се организираа во концертни сали и институции, „Битола Отворен Град“ избра поинаков пат. Многу пред фестивалите на улица, концертите во паркови, изложбите во кафе-барови и програмите во алтернативни простори да станат тренд, овој фестивал веќе ја отвораше Битола. Ги претвораше дворовите, локалите, улиците и јавните простори во сцени пред две децении и покажуваше дека градот сам по себе може да биде културна институција.

Денес тоа изгледа природно. Пред 25 години беше визија. Во изминатите 25 години, низ „Битола Отворен Град“ поминаа стотици музичари, уметници и креативци од Македонија, регионот и Европа. Многу бендови кои денес имаат значајни кариери своите први фестивалски настапи ги имаа токму овде. Илјадници посетители, пак, токму на овој фестивал го доживеале својот прв концерт, откриле нов омилен бенд, стекнале пријатели или едноставно создале спомени што остануваат. Затоа „Битола Отворен Град“ одамна не е само фестивал. Тој е дел од идентитетот на градот. Некои градови имаат фестивали. Битола веќе 25 години има фестивал што стана дел од нејзината градска меморија.

Поврзани вести