
Драмски театар Скопје се простува од Сашо Миленковски (1963–2026), еден од најзначајните македонски режисери, драматурзи и театарски творци, чија уметност остави длабок белег во современиот македонски театар.
Роден во Битола во 1963 година, Миленковски припаѓаше на генерацијата режисери кои во почетокот на деведесеттите години внесоа нова естетика, современ театарски јазик и силен творечки импулс во македонската театарска уметност. Својата професионална кариера ја започна уште пред дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје, како дел од легендарниот мултинационален театарски проект КПГТ во Суботица, каде што ги постави претставите „Госпоѓица Јулија“, „Рани јадови“ и „Злосторство и казна“, со што уште во раните години се етаблира како режисер со автентичен сценски израз.
Во текот на речиси четири децении творечка работа реализираше повеќе од педесет режии на сцените во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија и пошироко, работејќи подеднакво успешно на класичниот и современиот драмски репертоар. Со еднаква убедливост ги поставуваше делата на класичните автори, како Шекспир, Молиер, Достоевски и Бекет, но и современата драмска литература, оставајќи особено значаен придонес во афирмацијата на македонската драматургија.
Особено значајно место во неговото творештво имаше афирмацијата на современата македонска драма. Праизведбата на „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски во Народниот театар Битола во 1992 година претставува едно од најважните сценски остварувања во поновата историја на македонскиот театар. Претставата освои четири награди на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, а беше изведена и на „Охридско лето“ и „Млад отворен театар“. Заедно со неговата режија на „Буре барут“ во Македонскиот народен театар во 1994 година, Миленковски даде клучен придонес во афирмацијата на драмското творештво на Дејан Дуковски на домашната и меѓународната сцена.
Во неговото богато творештво особено место заземаа режиите на драмите на Горан Стефановски – „Тетовирани души“, „Црна дупка“ и „Баханалии“, како и претставите „Кандид во земјата на чудата“, „Кинегонда во Карлаленд“ и „Јов“ од Венко Андоновски, реализирани во Драмски театар Скопје. Со еднаква посветеност ги поставуваше и делата на Братислав Димитров, Љубиша Георгиевски, Александар Поповиќ, Витомил Зупан и бројни други автори.
Покрај режисерската работа, Миленковски беше и драмски автор. Зад себе ги остави текстовите „Коледе“, „Game Over“, „Deus Ex Machina“ и „Ова не е американски филм“, кои ги реализираше и како авторски сценски проекти. Неговото творештво се прошири и на филмот, каде што работеше на документарните и играни филмови „Мајка Тереза“, „Голем Град“, „Љубинко и Десанка“ и „Преспа“.
Неговиот придонес не се ограничуваше само на режијата. Во 1999 година го основа независниот театар „Бабилон“, а од 2006 до 2010 година ја извршуваше функцијата директор на Македонскиот народен театар. Од 2010 година беше драматург во Драмски театар Скопје, каде што активно придонесуваше во обликувањето на современиот репертоар и со своето знаење, искуство и висок професионализам остави неизбришлива трага во работата на театарот. Неговото присуство и творечка енергија ќе останат трајно врежани во меморијата на Драмски театар.
За својот богат творечки опус, Миленковски доби бројни домашни и меѓународни признанија. Во 2026 година му беше доделена и Наградата за животно дело на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ за неговото повеќедецениско творештво и придонес кон македонската театарска уметност. Двапати беше добитник на наградата за најдобра режија на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, а претставите „Game Over“ и „Македонски рулет“, во негова режија, беа прогласени и за најдобри претстави во целина. Добитник е и на наградата за најдобра режија на театарскиот фестивал во Нови Сад за претставата „Злосторство и казна“, како и на наградата за најдобра претстава во Србија за „Ниш експрес“.
Со својата посветеност, уметничка смелост и творечки интегритет, Сашо Миленковски беше еден од творците што го обликуваа современиот македонски театар. Неговото дело ќе остане траен дел од македонската култура и ќе продолжи да сведочи за моќта на театарската уметност.
„Република“ го објавува интервјуто со Сашо Миленковски објавено во мај 2016 години, а поводот тогаш бил прославата на 70-от роденден на Драмски театар Скопје со претставата „Буре барут“ во режија на Миленовски.
Пред повеќе од две децении на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) режисерот Сашо Миленковски првпат го постави текстот на Дејан Дуковски „Буре барут“. Оваа драма е најчесто поставуваниот драмски текст на Дуковски и е изведуван во Грција, Јапонија, Германија, Хрватска, Данска, Холандија, Шведска и Бугарија. Снимен е и игран филм по овој текст.
Сега Миленковски вторпат го постави текстот, овој пат во Драмски театар, кој реши со оваа претстава да го прослави значајниот јубилеј, 70 години постоење. Интересно е што првпат се поставува текст на Дуковски на сцената на Драмски. Претходно негови текстови биле поставени во Драмски, но тоа биле копродукции.

Пред повеќе од две децении овој текст на Дејан Дуковски првпат го поставивте на сцената на МНТ. Што е денес поинакво од тогаш?
МИЛЕНКОВСКИ: Кога ја правев првата претстава имаше еден друг вид колективна духовност, која се појави во претставата, во вид на малку поголема доза оптимизам бидејќи тогаш се распадна СФРЈ и почнавме да правиме своја држава. По 23 години, кога одново го прочитав текстот, ми стана јасно дека „Буре барут“ е како лакмусова хартија и кога ќе го спуштиш во одредена епоха многу точно ги дијагностицира проблемите на таа епоха. Забележав дека и покрај неговата духовитост и хуморот во сцените, сепак целото опкружување е многу мрачно бидејќи текстот зборува за тогашниот балкански мрак, за посебната доза на самоувереност на балканските народи и нивното чувство за посебност. Бидејќи времето во кое живееме се измести од својот колосек, веќе не можеме да измислиме многу паметни причини зошто нешто би направиле, затоа решивме да не се занимаваме со причините и со каузалностите, како кај Пинтер, зошто некој се однесува на одреден начин, туку како се однесува. На некој начин, „Буре барут“ е втора фаза од мојата режија на „Јов“, каде што го третирав проблемот на интегритет. Најнасушни и најдефицитарни нешта во ова време се личниот интегритет и колективните и личните критериуми.
За кого е оваа претстава?
МИЛЕНКОВСКИ: Ова е претстава е за чесните, скромни, повлечени и тивки луѓе. Во бучните времиња тивките луѓе се мнозинство. Но, кога на нив ќе им пукне филмот, тогаш станува опасно за сите. Претставата е за тивките луѓе во моментот пред да им пукне филмот. Во текстот има неколку убиства, но нив ги нема на сцената, бидејќи ги запираме во моментот пред самата егзекуција.
Со оваа претстава Драмски го прослави 70. роденден. Рековте дека со неа сакавте да ги обедините сите генерации во театарот. Дали Ви успеа тоа?
МИЛЕНКОВСКИ: Сакавме правејќи една претстава да ги залекуваме внатрешните поделби. Општеството е поделено дури, ако сакате, и пријателите се поделени, пред сѐ политички. Работејќи на оваа претстава, без разлика на политичкиот поглед на свет за кој се залагаат приватно актерите, се обезбеди една силна заедничка платформа. Да се разбереме, претставата не е ниту „против“, ниту „за“ за едните или другите. Таа се занимава посуштински, прави една анализа на генезата зошто се доаѓа до тоа. Мислев дека ако организациски работиме заедно подолго време, дека навистина ќе ги надминеме тие разлики меѓу нас и успеваме. Тоа беше наша внатрешна мисија, не беше за публиката, да го зацелиме Драмски. Тоа што ќе го пласираме како колективен впечаток за претставата, секако, не е оптимистички, но длабоко во себе содржи една силна метафизичка порака. А тоа е дека македонскиот народ е жилав народ. И опстанал. Тој е како театарот. Театарот, исто така, е жилав медиум, ги преживеа радиото, телевизијата, интернетот. Салите уште ни се полни. Така и македонскиот народ. Македонскиот народ долго време вежбал опстанок. И таа лекција многу добро ја знае. Ние може да напишеме упатство за опстанок на нациите што може да го користат многу посериозни нации што сега се колебаат околу својот идентитет. Тоа што е интересно е дека нашиот идентитет не произлегува од институциите на системот. Произлегува од внатрешната потреба, дел е од фолклорот. Многу е посилен, живее во јазикот, во песната, во нематеријалното културно добро што ни го носи. И чудо е како опстанува. Навистина е чудо. Мал народ, ќе си речеш, просто е неверојатно како преживува.

Ќе го спаси ли театарот светот?
МИЛЕНКОВСКИ: Не го сакам театарот што го спасува светот. Не го сакам театарот што сака да влезе и да спасува нешто. Театарот ви е дијагноза. Ако ви дијагностицираат некоја тешка болест, треба сами да се спасувате. Ние поставуваме прашања, а не одговори. Ниту театарот може да го спаси светот, ниту светот може да го спаси театарот. Но, театарот може силно да ве здоболи, за разлика од многу други медиуми, затоа што е жив, се случува пред вас. Тука е, во тој момент. Тука е таа негова танатичност. Театарот живее само во меморијата на гледачите и на актерите. Со неговата смрт остануваат неколку фотографии, некоја рецензија. Токму таа танатичност е еротска. Тоа е сериозната врска меѓу еросот и танатосот. Затоа е возбудлива.
Дали режирањето на претстава е прашање на живот или смрт?
МИЛЕНКОВСКИ: Јас сум како дете. Претставите ги гледам како овчар. Ја пуштам раката да ме земат. Многу често ми останува раката да ми виси во воздух, никој не ме зема и не ме носи во нивниот свет. Секогаш имам возбуда кога правам претстава. Секоја претстава е прашање на живот и смрт, секоја претстава одново. Со искуството си поефикасен, не правиш двапати иста глупост. Но, суштински си исправен пред господ. Театарот е медиум, како цеде за музиката. Музиката е важна. А тука сте исправени пред вечноста. Никој не може да го навежба сознанието на судирот со вечноста, нема таква работа.
Дали „Буре барут“ во Драмски ќе го достигне тоа „Буре барут“ во МНТ во гледаност, награди, гостувања?
МИЛЕНКОВСКИ: Иста судбина по тоа прашање ќе има и оваа претстава. Тоа веднаш се гледа. Точно знаеме, кога техниката ќе почне да се собира, да ги гледа пробите, место да работи, тогаш знаеме дека имаме добра претстава, ќе има голем тираж, ќе има награди. На два дена пред премиера, постојано режирам. И сите го знаат тоа. Доправам, менувам, правам, кројам до последен момент.
Разговараше: Александра М. Бундалевска

Македонски



