Skip to main content

„Македоника литера“ го објави вториот дел од книгата „Филетизам или проклетство: Аспекти на големобугарскиот шовинизам“, од Константин Георгиев

„Македоника литера“ деновиве го објави вториот дел од книгата „Филетизам или проклетство: Аспекти на големобугарскиот шовинизам“, од бугарскиот универзитетски професор Константин Георгиев, во превод од бугарски на македонски јазик на Ванчо Меанџиски.

„Филетизам или проклетство“ е капитален историографски и социолошки труд на универзитетскиот професор д-р Константин Георгиев од Софија, Р. Бугарија (првиот дел од овој обемен труд е веќе објавен на македонски јазик во 2016 г.) кој ја третира бугарската политика во изминатите 150 години од аспект на шовинизмот и филетизмот во Бугарија, што посебно се одразува врз Македонците во таа земја. Имено, д-р Георгиев аргументирано и врз издржана фактографија и научна методологија ги разобличува бугарската политика и бугарскиот шовинизам, односно филетизмот во Бугарија и неговите погубни и неповратни последици врз Македонците во таа земја, кои, не само во пиринскиот дел на Македонија, туку и во голем број со присилни или принудни миграции се доселени од Егејска Македонија, но и од Вардарска Македонија.

Авторот на проблемот му приоѓа од многу поширок аспект и ракурс – не го третира и разобличува само филетизмот во потесна смисла на зборот, туку и воопшто големобугарскиот шовинизам и бугарската политика на непочитување на националните права на другите етнички заедници кои живеат во таа земја, бугарските национални митови и воведувањето на нивната романтична кауза за македонизмот како борба и негирање на македонството, односно на македонскиот идентитет.

Пишувајќи за големобугарскиот шовинизам, Георгиев во предговорот констатира дека тој е „жестока болест на Бугарија“. „Не патриотизам и родољубие, туку бесен национализам, трансформиран во манија за величие на една земја во тројна, спротивна пропорција на секој нејзин потенцијал, со злоба кон сè небугарско, со патолошки територијални и национални аспирации, со чудовишно угнетување на националните малцинства внатре во неа. Издигнат во ранг на национална политика, на национална свест и психа, така да се каже – во начин на живеење на сите генерации, тој десетици години беше фундамент на буржоаска Бугарија. По паѓањето на монархијата би било нормално да се очекува дека во еден подолг или пократок период со него ќе биде завршено… Меѓутоа, спротивно на секаква логика, тоа не се случи… Анализиран преку сите негови пројави, шовинизмот слободно може да се нарече бугарска идеологија.“

Целта на овој труд, како што посочува авторот, е преку напишаното од самите адепти на шовинизмот да биде синтетизиран неговиот профил и да се одговори на една потреба во историографијата. „Тоа се наметнува од илјадно повторуваните обвинувања од страна на бугарската официјална историска наука против секој труд во кој најмалку секој трет исказ не е поврзан со изворите – дека е недоволно аргументиран, необјективен или измислен – како што беше тоа случај по издавањето на `Историјата на македонскиот народ`. За оваа бугарска `наука` навистина и најпрецизните факти немаат значење.“

Авторот го изнесува своето „убедување дека целата невистинитост, тенденциозност и неубедливост на бугарската псевдонаука за таканареченото `македонско прашање` станува јасна и видлива штом ќе биде споредена и со другите `национални идеали`, со аспирациите кон другите земји и народи, со политиката кон малцинствата внатре во Бугарија – за да се види дека како територија, политика и мисловност таа насекаде е една и иста, константна во својата пристрасност, свирепа во негирањето на вистината, сервилна кон политичката конјуктура – како некогаш, така и сега.“

Во заклучокот на книгата д-р Георгиев пишува:

– Посебно внимание му посветивме на македонското прашање, колку што тоа се јавува како водечко во шовинистичката традиција на големобугаризмот и продолжува да биде актуелно и во денешните политички состојби во Бугарија. Без посебен стремеж кон „академизам“ и без одвишно вживување во псевдонаучните бугарски тези, со материјалите коишто останале неуништени во Бугарија и коишто ни појде од рака да ги откриеме, се обидовме да го покажеме од неговиот заден двор, на надворешниот свет. На фонот на официјалните бугарски публикации од последно време, каде што ова прашање се фалсификува со цел да се докаже дека во Бугарија божем постојат многу општоприфатени и унисони факти како показ на шовинистичките аспирации, слично, макар далеку нецелосно расветлување е задолжително. Според нашата замисла од него за неоптоварениот човек во одреден степен би станало јасно дека такви „факти“ воопшто не постојат, дека имало и има два правци во бугарскиот општествено-политички и духовен живот во врска со прашањето за Македонија – исто како и во другите земји, кои имале и сè уште имаат аспирации спрема неа.

Овој исклучителен историографски труд, кој зафаќа различни историски периоди, се потпира на огромна, разновидна и релевантна фактографија, користејќи близу илјада извори (литература, архивски фондови, весници и сл.) и наведувајќи близу три илјади цитати (фусноти) од релевантни извори.

Константин Георгиев (1948) е поранешен универзитетски професор од Софија, Р. Бугарија, кој, поради репресиите што ги доживувал од бугарските власти, предвреме ја завршил својата кариера на универзитетски професор. Во 1986 година е отпуштен од работа, како што формално стои во образложението на службите на Државната безбедност, затоа што „отворено изразувал негативен став спрема процесот на преродбата…, изјавувајќи дека политиката на БКП за националните прашања е спротивна од марксистичко-ленинистичката идеологија“. Имено, за време на таканаречениот „процес на преродба“ кога живковистичкиот диктаторски режим насилно ги протерува Турците од Бугарија, за време на час пред студентите изјавил дека тоа е „национален срам“. Таа изјава  за бугарскиот „национален срам“ е само изговорот да биде избркан од работа. Оттогаш е во постојана репресија. Поништена му е докторската дисертација, одземено му е научното звање (подоцна вратено) и отстранет од работа (а подоцна укината пензијата). Автор е на неколку историографски и социолошки трудови. Живее во Софија.

Поврзани вести