
Универзитет Американ Колеџ Скопје свечено ѝ ја додели почесната титула „Professor Emeritus“ на проф. м-р Викторија Еремеева Наумоска, како признание за нејзиниот исклучителен придонес во високото образование, архитектурата, урбанизмот и развојот на академската заедница. Свеченоста се одржа во „Мала станица“ во присуство на универзитетското раководство, професори, студенти, соработници, претставници на институции и гости од академската и професионалната јавност. Во своето обраќање, ректорката на Универзитет Американ Колеџ Скопје, проф. д-р Венера Крлиу, истакна дека признанието претставува оддавање почит на една исклучителна професионална и академска кариера, која оставила трајни вредности во високото образование и во развојот на архитектонската професија. Laudatio за проф. Еремеева Наумоска одржа деканот на Факултетот за архитектура и дизајн, проф. д-р Мишко Ралев, кој се осврна на нејзините бројни професионални и академски достигнувања, нејзината визија и лидерство, како и на нејзината улога во основањето и развојот на Факултетот за архитектура и дизајн при УАКС. Проф. Еремеева Наумоска е првата жена декан на факултет за архитектура во нашата држава, раководител на изработката на првиот Просторен план на Република Македонија и една од основачите на Факултетот за архитектура и дизајн при УАКС. Нејзината работа остави длабока трага во образованието, архитектурата и урбанистичкото планирање, инспирирајќи генерации студенти, архитекти и истражувачи. Заблагодарувајќи се за укажаната чест, проф. Еремеева Наумоска ја истакна важноста на образованието, креативноста и професионалната одговорност во обликувањето на идните генерации архитекти и дизајнери. Со доделувањето на титулата „Professor Emeritus“, Универзитет Американ Колеџ Скопје оддава признание на поединци чии достигнувања оставаат трајно наследство во науката, образованието и општеството.

Македонски



