Skip to main content

Гутереш: Ако ескалира судирот помеѓу САД и Иран можно е да се изгуби контролата врз ситуацијата во Блискиот Исток

Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш денеска предупреди дека ескалацијата на судири помеѓу САД и Иран може да доведе до целосно губење на контролата врз ситуацијата во Блискиот Исток.

Потребни ни се максимална воздржаност и дипломатски решенија. Доколку заканите со оружје, на што моментално сме сведоци, прерасне во целосна меѓусебна ескалација, ситуацијата во регионот би можела да излезе од контрола, објави Гутереш на платформата Икс.

Тој нагласи дека правото на пловидба и слободната пловидба, во согласност со меѓународното право, мора целосно да се обноват во и околу Ормуска Теснина и теснината Баб ал-Мандеб.

Гутереш, кој е во посета на Египет, ја пофали посредничката улога на Каиро за создавање услови за дијалог помеѓу САД и Иран.

Египет отсекогаш бил столб на мултикултурализмот, работејќи на отворање на просторот за дипломатија, истакна Гутереш.

Претходно, Си-ен-ен, повикувајќи се на двајца неименувани американски функционери, објави дека Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) и силите на Блискиот Исток се подготвени да почнат нови, потенцијално големи воени операции против Иран во рок од 96 часа по добивањето на наредба од американскиот претседател Доналд Трамп.

Според нив, САД веќе распоредиле доволно воени сили во регионот за да извршат евентуални напади, чиј обем би можел значително да ги надмине претходните операции насочени кон уништување на иранските радари, ракетни лансери и други воени капацитети што Техеран може релативно брзо да ги обнови.

Еден од американските претставници наведе дека „тоа ќе биде голема операција“.

Други актуелни и поранешни американски функционери запознаени со воените планови на Вашингтон дадоа слични процени.

Сепак, американските функционери признаваат дека новите операции би можеле да бидат посложени, бидејќи иранските сили сега се подобро запознаени со американските воени тактики, што го отежнува уништувањето на сите наменети цели.

Според нив, Трамп сè уште не донел конечна одлука за неговите следни чекори по изборите за Конгресот, но некои извори тврдат тој ќе одобри поширока воена операција. (МИА)

Поврзани вести