
Креативниот центар „Сончогледи“ продолжува со реализација на циклусот креативни работилници „Приказни што оживуваат – уметност, литература и пантомима за деца“, поддржан од Град Скопје. Второто издание од циклусот ќе биде посветено на Салвадор Дали, еден од највпечатливите претставници на надреализмот, чие творештво ја истражува границата меѓу реалноста, соништата и фантазијата.
Работилницата наменета за деца и млади над 6 години ќе се одржи во четврток, 29 октомври, со почеток во 18 часот, во просториите на креативниот центар „Сончогледи“, во Т.Ц. Олимпико, Тафталиџе.
Преку раскажување, набљудување и анализа на уметнички дела, децата и младите ќе се запознаат со животот и творештвото на Дали, неговиот необичен уметнички израз и светот на надреалистичката имагинација. Дел од неговата лична приказна ќе биде претставен преку глума и пантомима, со што литературата, ликовната уметност и сценскиот израз ќе се поврзат во едно интерактивно креативно искуство.
Практичниот дел од работилницата ќе биде посветен на сликањето со акрилни бои. Инспирирани од надреалистичките визии на Дали, учесниците ќе создаваат сопствени дела, експериментирајќи со формите, боите и неочекуваните комбинации. На тој начин, преку непосредно искуство и слободно творештво, ќе имаат можност да ја развиваат својата визуелна перцепција, креативно размислување и личен уметнички израз.
Циклусот „Приказни што оживуваат“ има за цел да им овозможи на децата и младите да ја доживеат уметноста како простор за истражување, прашања, имагинација и сопствено творештво, поврзувајќи ги литературата, ликовната уметност и пантомимата на пристапен и инспиративен начин.
Работилницата ќе ја водат Марина Туфекчиевска, комуниколог и дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност; Кристина Таневска, визуелен уметник, ликовен педагог – вајар и магистер по сликарство; и Метo Јанакиевски, историчар на уметност и пантомимичар.
Учеството на работилницата е бесплатно.

Македонски

