Skip to main content

Во Јуроп хаус Тетово се одржа „Кафе со амбасадори“, посветен на темата „Мир и безбедност“, со учество на амбасадорот на Унгарија, Н.Е. Андраш Клајн

Вчера, во Јуроп хаус Тетово, се одржа настанот „Кафе со амбасадори“, посветен на темата „Мир и безбедност“, со учество на амбасадорот на Унгарија, Н.Е. Андраш Клајн.

Во отворена и интерактивна атмосфера, дискусијата се осврна на поширокото значење на мирот и безбедноста, не само како отсуство на војна, туку и како можност за безбеден живот, еднаквост, почитување на идентитетот и чувство на припадност. Преку искуството на Унгарија, беа разгледани историските промени како демократската транзиција и пристапувањето во Европската Унија во 2004 година. Посебно внимание беше посветено на улогата на ЕУ во градењето стабилни односи со соседните земји, заштитата на малцинствата и поттикнувањето регионална соработка.

Разговорот се фокусираше и на Европската Унија како мировен проект, заснован врз заеднички институции, економска поврзаност и политичка соработка. Во тој контекст, беа разгледани актуелните безбедносни предизвици и значењето на заедничкото европско дејствување. Имајќи го предвид и мултиетничкиот карактер на Тетово, дел од дискусијата беше посветен на меѓуетничкиот дијалог, градењето доверба и улогата на институциите, медиумите и граѓанското општество во зачувувањето на мирот .

Беше нагласено дека современата безбедност ги опфаќа и енергетската сигурност, економската отпорност, дезинформациите и довербата во институциите. Воедно, се разговараше за улогата на интеграцијата во ЕУ како важен фактор за долгорочната стабилност на Западен Балкан. Настанот беше заокружен со разговор за европската иднина на Македонија и за конкретните придобивки од членството во ЕУ за општеството во целина.

„Кафе со амбасадори“ е серија дебати што се организираат низ мрежата на Јуроп хаус, со цел да се поттикне отворен дијалог помеѓу амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија и граѓаните.

Поврзани вести