
Грчката поддршка за Украина, одбранбената соработка меѓу Атина и Киев, но и украинскиот поморски дрон што минатиот месец беше пронајден во Јонското море кај Лефкада, биле темите за кои разговарале премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис и претседателот на Украина Володимир Зеленски на средбата во Брисел пред почетокот на Самитот на ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.
Од кабинетот на грчкиот премиер информираа дека Мицотакис му посочил на Зеленски дека треба да се избегне проширување на операциите надвор од воената зона.
– Премиерот ја повтори цврстата поддршка на Грција за Украина за да се справи со руската агресија. Сепак, нагласи дека треба да се избегне проширување на операциите надвор од зоната на вооружениот конфликт и посебно се осврна на инцидентот со украинскиот дрон кај Лефкада, информираа од кабинетот на Мицотакис.
Додадоа дека за време на средбата во Брисел биле разгледани последните случувања во Украина, а станало збор и за перспективата на одбранбената соработка меѓу двете земји.
За поморскиот дрон, што на 8 мај беше откриен во грчките територијални води во близина на Лефкада, на крајот на минатиот месец Атина упати два официјални демарши до Киев.
При пристигнувањето на Самитот на ЕУ, грчкиот премиер се осврна на случувањата на Блискиот Исток, посочувајќи дека Грција го поздравува договорот меѓу САД и Иран, нагласи дека во овој момент приоритет е целосното обновување на слободата на пловидба низ Ормуската Теснина, но и дека внимателно ги следат цените на нафтата и природниот гас.

Македонски



