
Колекцијата на Музејот на македонската борба е збогатена со нов вреден предмет – кама со кожна футрола, донација од личниот фонд на дарителот Марин Поповски.
Според семејното предание, прадедото на дарителот, Поп Атанас Костадинов (1858–1923) од село Русиново, ја добил оваа мала кама со футрола како подарок од војводата Никола Русински во периодот меѓу 1905 и 1912 година, за време на продорот на андартските чети. Камата се користела во церемонијални прилики, а нејзината уметничка вредност особено се истакнува преку украсувањето со техниката на инкрустација – техника што во 19 век се применувала за декорација на оружја кои претставувале статусен симбол, објавија од Музејот на социјалните медиуми.

Овој предмет внимателно се чувал и пренесувал од генерација на генерација, сè до донацијата од Марин Поповски – син на Илија Поповски, учесник во НОБ (1941–1945) и заслужен борец претставен во Каталогот на Сојузот на борци на РМ.

Донацијата во име на музејот ја прими директорката Анче Илиевска, во придружба на одговорните кустоси Даниела Николова и Даниела Митевска. За исклучителниот чин на доверба и почит кон историското културно наследство, на донаторот Поповски му беше доделена Благодарница.
Уште еднаш изразуваме искрена благодарност за можноста овој предмет да биде зачуван, стручно обработен и достапен за јавноста. Со својата приказна, семеен и историски контекст, предметот дава дополнителна автентичност и ја збогатува нашата постојана поставка, велат од Музејот.

Македонски



