
Од 22 до 27 јуни 2026 година во Скопје ќе се одржи 26. издание на „Неделата на италијанскиот филм“, во рамките на 9. издание на „Fare Cinema“, иницијатива осмислена од Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија (MAECI), во соработка со Министерството за култура, со цел да се валоризираат италијанската кинематографија и аудиовизуелната индустрија ширум светот.
Организирана од Амбасадата на Италија во Скопје, во соработка со Италијанскиот културен институт во Белград, Неделата на италијанскиот филм се реализира со поддршка на ITALIAN SCREENS. Овој проект, промовиран од Генералната дирекција за филм и аудиовизуелна дејност при Министерството за култура (DGCA-MiC) и од Министерството за надворешни работи на Италија, а осмислен од Роберто Стабиле – раководител за интернационализација во Cinecittà, има за цел да ја зајакне дистрибуцијата на италијанските филмови на меѓународните пазари и да ги промовира даночните олеснувања (tax credit) и фискалните олеснувања наменети за дистрибуција и копродукции.
И оваа година ќе биде претставен циклус од шест проекции посветени на современата италијанска кинематографија. Избраните филмови, дистрибуирани помеѓу 2025 г. и првите месеци од 2026 година, се истакнаа на главните филмски фестивали и награди, стекнувајќи се со високи признанија од критиката и публиката.
Централната нишка на ова издание на Неделата на италијанскиот филм е „Љубовта во сите нејзини облици“, тема која ја предводи и културната програма за 2026 година на Амбасадата на Италија во Скопје. Преку различни јазици и ситуации, шесте филмови во програма ја раскажуваат љубовта во нејзините многубројни нијанси: во партнерските и семејните меѓугенерациски односи, во романтичните и пријателските врски, но и љубовта интепретирана како форма на порив и страст која го наоѓа својот израз во граѓанскиот, политичкиот или уметничкиот ангажман.
Фестивалот ќе биде отворен во понеделник, 22 јуни, со филмот „Помилување“ (La Grazia, 2025), новото ремек-дело на оскаровецот Паоло Сорентино: интригантно филмско остварување кое ја следи приказната за еден претседател на Републиката кој се соочува со длабоки морални и лични дилеми. Претставувајќи го филмот на 82. Филмски фестивал во Венеција, режисерот го дефинираше ова свое единаесетто долгометражно дело како истражување на љубовта во сите нејзини облици: кон најблиските, кон институциите и правото, како и кон политиката заснована на постојано преиспитување и одговорност.
Во вторник, 23 јуни, ќе биде прикажан филмот „Кратка љубовна приказна“ (Brevе storia d’amore, 2025) на Лудовика Рамполди. Веќе позната по своите сценарија со меѓународен успех, Рамполди го потпишува и режира своjот дебитантски филм со една интимна приказна која со буден и современ поглед ги истражува динамиките и кревкоста на емотивните врски, нивните осцилации и тензиите што се појавуваат кога во односот ќе влезе „другиот“, без притоа да прибегне кон евтин морализам.
Во среда, 24 јуни, на програмата е филмот „Премолчените нешта“ (Le cose non dette, 2026), најновото остварување на Габриеле Мучино, еден од најпознатите и најценетите режисери на современата италијанска филмска сцена. Се работи за драма со повеќе ликови протагонисти која меша елементи на психолошка тензија, сентиментална интроспекција и примеси на трилер. Во центарот на нарацијата се два пара во криза, преку кои Мучино ги истражува темните страни и несовршеностите на љубовта. Филмот не зборува само за врските, туку ја истражува и емоционалната тежина на тајните, премолчените вистини и неискажаните чувства кои, акумулирани со текот на времето, ги нарушуваат емотивните врски.
Во четврток, 25 јуни, ќе биде прикажан филмот „Ана“ (Anna, 2025), прво режисерско дело на Моника Гвериторе, која го потпишува и сценариото и ја толкува главната улога. Филмот претставува омаж за незаборавната Ана Мањани, првата италијанска актерка која освоила Оскар и до ден-денес апсолутна икона на италијанската филмска историја. Режисерката нуди чувствено интензивен и интимен портрет на жената зад актерската маска, пренесувајќи ги нејзината сила, кревкост и осаменост. Во оваа двојна димензија, јавна и приватна, филмот е своевиден чин на љубов кон актерската професија.
Во петок, 26 јуни, ревијата ќе продолжи со филмот „Радост моја“ (Gioia mia, 2025), режисерско деби на Маргерита Спаминато, нов и оригинален глас во италијанската кинематографија. Филмот нуди интимен и емотивен портрет на односот помеѓу една постара тетка и нејзиниот внук, кој е принуден да помине едно лето со тетка си во нејзината куќа во Сицилија, далеку од вештачката сигурност на дигиталниот свет. Од оваа средба-судир меѓу два спротивни света се раѓа длабока врска преку која откриваме дека вистинската поврзаност не се создава преку социјалните мрежи, туку преку директните човечките односи и љубовта.
Фестивалот ќе се затвори во сабота, 27 јуни со филмот „Живот во рамнина“ (Le città di pianura, 2025) на Франческо Сосаи, кој триумфираше на наградите „Давид ди Донатело“ во 2026 година, освојувајќи го, меѓу бројните награди, и престижното признание за најдобар филм на годината. Станува збор за комедија која меша моменти на иронија, хумор и животна леснотија со социјална критика и подлабоки размисли за животот и пријателството. Сместен во провинциите на регионот Венето, филмот ја раскажува средбата помеѓу Џулио, млад и срамежлив студент, и двајца средовечни сопатници, кои се малку необични и лабилни ликови, заостанати на маргините на општеството. Преку оваа средба, двајцата неочекувани ментори постепено и длабоко ќе влијаат на неговиот начин на живот, трансформирајќи го неговиот поглед на светот, љубовта и односите.
Сите филмови ќе се прикажуваат во оригинална верзија на италијански јазик со титлови на македонски и англиски јазик. Проекциите ќе се одржат во култната Кинотека на Република Македонија, првата вечер во летното кино на отворено со почеток во 20:30 часот, а сите други проекции во салата на Кинотека со почеток во 20:00 часот. Влезот ќе биде слободен се’ до исполнување на местата.

Македонски



