Skip to main content

Четирите компании што работат со топлинска енергија побарале корекција на цената на парното во Скопје

Фрипик

Сите четири компании што работат во секторот за топлинска енергија поднеле барања до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за корекција на цената, наведувајќи го растот на цената на природниот гас како главна причина.

Доколку регулаторот ги прифати барањата, тоа ќе биде трето поскапување на парното во 2026 година.

Првото зголемување беше во јануари, кога цената на топлинската енергија порасна за пет проценти. Како една од причините тогаш беа наведени потребните инвестиции во мрежата за санирање на дефектите и спречување протекувања. На крајот на јули, РКЕ донесе нова одлука за зголемување на цената за речиси шест проценти, која почна да се применува од 1 август.

Барања доставиле ЕСМ Производство, ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција и „Енерџи Еколонг“, компанијата што претходно работеше под името „Скопје Север“.

Од ЕСМ посочуваат дека, според нивните пресметки, цената на природниот гас во октомври е повисока за околу 60 проценти во споредба со цената врз основа на која беше донесена последната одлука за парното во јули.

„Висината на евентуалната промена на цената зависи од повеќе фактори, при што клучно влијание има цената на гасот на берзите. Актуелните прогнози укажуваат на раст на цената на природниот гас, пред сè како резултат на тековните геополитички случувања на Блискиот Исток, кои предизвикуваат нестабилност на глобалните енергетски пазари“, соопштија од ЕСМ.

Конечниот збор го има РКЕ, која треба да ги разгледа доставените барања и да одлучи дали ќе има ново поскапување и колкаво би било евентуалното зголемување на цената на топлинската енергија.

Поврзани вести