Skip to main content

Марта Кос: ЕУ е подготвена да ги отвори сите преговарачки поглавја со Украина и со Молдавија

Европската Унија е подготвена од јули да започне преговори за сите области од пристапниот процес со Украина и со Молдавија, изјави денеска еврокомесарот за проширување Марта Кос пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.

По повод денешното отворање на суштинските пристапни преговори со Киев и со Кишињев, Кос оцени дека тоа е првиот голем чекор откако двете земји добија кандидатски статус пред три години.

Беше време да го направиме тоа – изјави таа.

Според Кос, до крајот на годинава може да завршат и пристапните преговори со Црна Гора.

Во последните месеци постигнавме повеќе во процесот на проширување отколку во изминатите 15 години – нагласи еврокомесарката.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас соопшти дека на денешниот состанок е поканет и министерот за надворешни работи на Ерменија.

Според неа, Ереван е изложен на сè поголем притисок од Москва, а ЕУ разгледува начини за поддршка на ерменските власти.

Калас оцени дека синоќешните руски воздушни напади врз Украина, при кои беше погоден манастир што се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО, претставуваат воено злосторство.

Таа потврди дека Унијата работи на дополнително проширување на санкциите против Русија.

Калас додаде дека, според правните експерти на ЕУ, постои начин да се спроведе иницијативата за забрана за влез во Унијата на руски војници кои учествувале во војната против Украина.

МИА

Поврзани вести