Skip to main content

ЕК ќе предложи покренување постапка против Бугарија поради прекумерен дефицит

Европската комисија (ЕК) ќе предложи покренување постапка против Бугарија поради прекумерен дефицит, откако оцени дека земјата не ги исполнува фискалните критериуми на Европската унија, потврди еврокомесарот за економија, Валдис Домбровскис.

Зборувајќи по состанокот на Советот за економски и финансиски прашања (ЕКОФИН) во Луксембург, Домбровскис изјави дека Комисијата ја проценила буџетската состојба на неколку земји-членки и заклучила дека Бугарија не ги исполнува пропишаните услови во врска со буџетскиот дефицит, објави порталот „Новините“.

Според правилата на ЕУ, постапката за прекумерен дефицит може да се покрене кога буџетскиот дефицит на државата надминува три проценти од бруто-домашниот производ (БДП), додека јавниот долг надминува 60 проценти од БДП.

Како дел од постапката, на земјата ѝ се дава рок за спроведување мерки што би го вратиле дефицитот во дозволените граници.

Доколку државата не ги почитува препораките, може да бидат воведени финансиски санкции.

Предлогот на Европската комисија сега треба да биде разгледан од земјите-членки на Европската унија како дел од понатамошната процедура.

Поврзани вести