Skip to main content

Ѓорѓиевски: Почнавме со уредување на паркот „Македонија“ 1, 2 и 3 во Карпош – еден од најубавите во Скопје

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски информира дека се почнати активности за уредување на паркот „Македонија“ 1, 2 и 3 во Карпош, каде што се поставува нова урбана опрема – клупи, корпи за отпадоци, како и уредување на летниковците кои секојдневно ги користат голем број граѓани.

Го уредуваме еден од најубавите паркови во Скопје. Парковите се белите дробови на градот. Таму децата растат, семејствата создаваат спомени, младите се дружат, а повозрасните наоѓаат мир, сенка и простор за одмор. Токму затоа, започнавме со уредување на паркот „Македонија“ 1, 2 и 3 во Карпош, каде поставуваме нова урбана опрема – клупи, корпи за отпадоци, како и уредување на летниковците кои секојдневно ги користат голем број граѓани – објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Тој додаде дека нашата обврска е парковите да бидат чисти, уредени, безбедни и достојни за сите посетители.

Затоа редовно ги одржуваме зелените површини кои се под надлежност на Град Скопје, но истовремено упатувам и апел до сите граѓани – да ги чуваме парковите како свој дом. Само со совесен однос можеме да имаме поубав, почист и позелен град – нагласи градоначалникот.

Тој истакна дека во неговата програма е предвидена изградба на нови паркови и нови зелени површини, затоа што, како што вели, Скопје заслужува повеќе простор за живот, рекреација и одмор.

Да ги посетуваме нашите паркови, да уживаме во нив, но и да ги чуваме. Зеленилото е богатство кое им припаѓа на сите нас, но и на генерациите што доаѓаат по нас – истакна скопскиот градоначалник. 

Поврзани вести