
Оралните болести бележат раст, потребна е едукација уште од мали нозе со цел да се заштити оралното здравје. Ова беше истакнато на денешната прес-конференција во просториите на Стоматолошката комора во Скопје, во пресрет 17. Меѓународен стоматолошки конгрес што треба официјално да почне вечер во главниот град на државава.
Во моментов во просториите на Стоматолошката комора се одржува состанокот на К4 групацијата. Беше кажано дека покрај претставници на К4 групацијата, на состанокот присуствуваат и гости од други држави.
Како што информираше в.д. претседателот на Стоматолошката комора, проф. д-р Благоја Даштевски, на состанокот се зборувало за заедничките проблеми и како да се дојде до нивно решавање.
Најчесто тоа се проблемите што ги имаме со цените во регионот, проблемот со хиперпродукција на студентите, како што слушам, во сите држави. Има и други проблеми што баш на овој состанок ќе ги решаваме – одговори Даштевски на новинарско прашање, за време на пауза од состанокот.
Даштевски соопшти дека отворањето на Конгресот ќе биде вечер со почеток од 19:30 часот.
Покрај конгресот, ќе имаме и јубилеј – 30 години на Стоматолошката комора на Македонија – додаде Даштевски.
Претседателот на Хрватската комора на дентална медицина, д-р Хрвоје Пезо рече дека денеска ја имале и честа да ја посетат и Стоматолошката клиника во Скопје.
Пезо изрази задоволство од ваквите собири, бидејќи како што истакна, со разменувањето искуство и знаење, се унапредува оралното здравје и се штитат граѓаните од орални болести.

Тој рече дека за жал, во голем дел од Европа, се бележи раст – не само на кариесот, туку и на други орални болести.
Мора да зборуваме за превенција. Мора да зборуваме за семејството, кое мора да придонесе од мали нозе, децата да се едуцираат за заштита на оралното здравје – подвлече Пезо пред новинарите.
Тој рече дека многу често, деталната медицина е на маргините на некои важни политички и секојдневни теми, а смета дека е важно да се зборува за тоа, бидејќи секој кој слуша за темата, како што додаде, се прашува – „дали јас доволно вложувам во моето орално здравје?“.
За Конгресот беше кажано дека претставува еден од најзначајните стручни настани во областа на денталната медицина во регионот. Беше посочено дека станува збор за платформа на која се презентираат најновите научни достигнувања, современи технологии и иновативни пристапи во стоматологијата. За стоматолошката професија, беше посочено дека конгресот е можност за континуирана едукација, стручно усовршување и вмрежување со колеги од повеќе земји. За нашата држава, пак, како што беше истакнато, претставува потврда дека таа може успешно да организира настани од висок меѓународен ранг и да биде центар на регионалната стручна соработка.
Конгресот се организира во соработка со стоматолошките комори на Хрватска, Словенија и на Босна и Херцеговина. Покрај нив, на конгресот ќе учествуваат и претставници од Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и од Република Српска. Оваа соработка е особено важна бидејќи овозможува размена на искуства, знаења и најдобри практики, придонесува за унапредување на професионалните стандарди и отвора можности за идни заеднички проекти во областа на стоматологијата и здравствената заштита. Интересот за конгресот е навистина голем – беше споделено со новинарите.
Најавени се предавачи од земјава и од странство – истакнати стоматолози, универзитетски професори и експерти од различни области на денталната медицина.
Главен фокус на предавањата ќе бидат современите достигнувања во стоматологијата, со посебен акцент на дигиталната стоматологија, примената на 3Д – технологиите, вештачката интелигенција во дијагностиката и третманите, современите имплантолошки решенија, естетската стоматологија и новите клинички протоколи – најавија од организацијата на настанот.
Беше нагласено дека ваквите собири придонесуваат за градење позитивен имиџ на земјата, зајакнување на меѓународната соработка и афирмација на македонските здравствени професионалци во регионални и европски рамки.

Меѓународниот стоматолошки конгрес во Скопје треба да почне денеска и да трае до 14 јуни. Се реализира под покровителство на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Конгресот носи наслов „Дигитална стоматологија: синергија помеѓу 3Д-технологии и AI“ и е во соработка со партнерските комори од регионот (К4).

Македонски



