
Со присуство на претставници на академската заедница, институциите и бизнис секторот, денес во Скопје официјално беше промовирана платформата АРБУ – Академско рангирање на балканските универзитети (Academic Ranking of Balkan Universities), првото регионално академско рангирање кое ги опфаќа универзитетите од целиот Балкан и нивното научно влијание.
АРБУ претставува најобемна анализа на високото образование во регионот досега. Рангирањето опфаќа 324 универзитети и високообразовни институции од осум балкански држави, повеќе од 33.000 професори и истражувачи и над 19,7 милиони научни цитати регистрирани на Гугл Сколар (Google Scholar). Со тоа, за првпат е создадена единствена регионална база на податоци која овозможува директна споредба на научните перформанси на универзитетите и истражувачите од целиот Балкан.
Проектот е создаден со цел да обезбеди поголема транспарентност во високото образование и да понуди јасна слика за научниот придонес на универзитетите и истражувачите во регионот, преку мерење на нивното научно влијание и цитираност.
– „АРБУ е создаден со идеја Балканот конечно да добие сопствена академска мапа. Нашата цел не е само да рангираме, туку да обезбедиме транспарентна алатка преку која универзитетите, професорите, студентите и носителите на политики ќе можат да ја следат академската успешност и да носат подобри одлуки. Македонија има извонредни истражувачи, но за жал сè уште не успеваме да го институционализираме квалитетот. Носителите на политиките треба да дадат одговор дали решението е во нов закон, во промена на моделот на финансирање согласно препораките на Светската банка или во посуштински реформи кои ќе овозможат создавање истражувачки универзитети според примерите на најуспешните европски системи. Во секој случај, за првпат имаме регионална база на податоци која овозможува реална споредба на академските достигнувања на Балканот, но и мерење на придонесот на секоја индивидуа во науката”, истакна основачот на АРБУ, проф. д-р Марјан Бојаџиев.
На свеченоста се обратија и министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска И директорката на Агенцијата за квалитет во високото образование доц. д-р Христина Серафимовска.
Во своето обраќање, министерката Јаневска признa дека македонското високо образование заостанува зад регионот „не од годинава или од лани, туку години по ред” и дека таа состојба не се подобрувала — нешто што ја наведе Владата кон суштински и системски реформи. Таа истакна дека новиот закон за високото образование гарантира академска автономија, транспарентни критериуми за евалуација и напредување и механизми за поддршка на младите истражувачи, а е проследен со конкретни финансиски мерки: буџетот за универзитети пораснал од помалку од 3 милијарди денари во 2022 на 8 милијарди денари во 2026, додека буџетот за наука се удвоил — од 380 на 773 милиони денари.
„АРБУ отвора нов простор за анализа, споредба и унапредување на високото образование во регионот. Верувам дека ова рангирање ќе биде дополнителен поттик за универзитетите и научната заедница да инвестираат во истражувања, иновации и меѓународна соработка”, изјави Јаневска.
Рангирањето користи транспарентна и лесно проверлива методологија базирана на научната цитираност регистрирана на Гугл Сколар. Податоците се прибрани и обработени во текот на 2025 година и овозможуваат објективен увид во научното влијание на институциите и поединците низ целиот регион.
Првите резултати покажуваат дека најголемо научно влијание во регионот имаат универзитетите од Хрватска, Србија и Словенија. На врвот на листата се наоѓа Универзитетот во Загреб, по кој следуваат Универзитетот во Белград и Универзитетот во Љубљана. Овие три институции претставуваат јадро на научно-истражувачката продукција на Балканот и заедно акумулираат повеќе од девет милиони научни цитати.
Според резултатите за Македонија, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (УКИМ) е најдобро рангиран универзитет во државата и лидер во најголем број научни области. Истовремено, анализата покажува значителен јаз меѓу македонските и водечките регионални универзитети. Додека УКИМ располага со околу 400 илјади цитати, Универзитетот во Загреб има повеќе од 4,6 милиони цитати, а универзитетите во Белград и Љубљана над два милиони цитати секој.
На национално ниво, високи позиции бележат и Универзитетот „Гоце Делчев” – Штип, Универзитетот на Југоисточна Европа (South East European University), Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола и Универзитетот во Тетово. Анализата покажува дека дел од успехот на Универзитетот „Гоце Делчев” и Универзитетот на Југоисточна Европа се должи и на нивната активна вклученост во европски универзитетски мрежи и меѓународни академски партнерства. Меѓу приватните високообразовни институции најдобро рангиран е Меѓународниот балкански универзитет (International Balkan University), кој е водечка приватна академска институција во земјата според научната цитираност на неговиот кадар.
Според научните области, УКИМ е лидер во медицинските науки, природните науки, инженерството, земјоделството и шумарството, како и во општествените науки. Универзитетот „Гоце Делчев” е најдобро рангиран во хуманистичките науки и уметностите, додека Универзитетот на Југоисточна Европа остварува најдобри резултати во областа економија, бизнис и организациски науки.
АРБУ за првпат овозможува и регионална споредба на индивидуалните истражувачи. Највисоко рангиран научник на Балканот е словенечкиот истражувач Марко Микуж од Jožef Stefan International Postgraduate School, додека меѓу десетте највлијателни научници доминираат професори од Хрватска, Србија и Словенија. Анализата покажува дека медицинските, природните и техничките науки генерираат најголем дел од научното влијание во регионот и имаат најголема застапеност меѓу најцитираните истражувачи.
Во категоријата индивидуални истражувачи од Македонија, највисоко рангиран е проф. д-р Сашко Кедев со повеќе од 38.500 цитати. По него следуваат академик Љупчо Коцарев, проф. д-р Марија Вавлукис, проф. д-р Тодор Арсов и проф. д-р Лидија Попоска. Податоците покажуваат дека медицинските науки се најсилното научно поле во државата според цитираноста и меѓународното влијание, со речиси 60 проценти од вкупните цитати на највлијателните македонски истражувачи.
Платформата е јавно достапна и овозможува пребарување на универзитети, факултети и професори, како и увид во нивните академски перформанси и научно влијание. Целта на АРБУ е да стане референтна точка за студентите, универзитетите, истражувачите и носителите на политики, обезбедувајќи транспарентен и споредлив преглед на развојот на високото образование во регионот.

Македонски



