
Иницијативата „За пристоен Капиштец“ ги повика жителите на мирен протест, реагирајќи на, како што велат, долготрајниот проблем со прекумерната бучава, нарушувањето на јавниот ред и недоволната реакција на надлежните институции.
Протестот е закажан за 11 јуни во 19:00 часот, кај кошаркарското игралиште во паркот во Капиштец, а организаторите очекуваат масовно присуство на граѓани кои се соочуваат со истиот проблем.
Според иницијативата, жителите со години се изложени на гласна музика од угостителски објекти, како и на нарушувања на јавниот ред од алкохолизирани групи кои, како што тврдат, предизвикуваат штета на урбаната опрема и создаваат несигурна атмосфера во населбата. Од таму посочуваат дека и покрај бројните пријави и реакции, институциите не презеле доволно ефикасни мерки за решавање на проблемот.
Не бараме привилегии – бараме законите да важат за сите, порачуваат организаторите, повикувајќи ги граѓаните да се приклучат на протестот и да го искажат својот став за подобри услови за живеење во Капиштец.

Македонски



