
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествуваше на панел-дискусијата на гувернерите под наслов „Трасирање на идниот развоj” во рамките на меѓународниот симпозиум „Навигација низ светската финансиска неизвесност – развој на финансиските пазари, инвестициските стратегии и меѓународниот монетарен систем”, организиран од Банката за меѓународни порамнувања и Народната банка на Кина во Шангај.
Во своето обраќање, гувернерот Славески истакна дека централните банки денес се соочуваат со едни од најголемите предизвици во последните децении, поради низа последователни шокови – од пандемијата и геополитичките конфликти до нарушувањата во синџирите на снабдување и силниот раст на цените на енергијата и на суровините.
Искуството од последните години потврди дека централните банки и натаму мора да бидат посветени пред сѐ на зачувувањето на ценовната стабилност, дури и кога инфлацијата е поттикната од надворешни фактори, како што се енергетските шокови. Одложените или недоволните реакции може да предизвикаат многу поголеми економски и социјални трошоци – посочи гувернерот Славески.
Осврнувајќи се на мерките преземени од Народната банка за време на последниот инфлациски бран, тој нагласи дека институцијата одговори со сеопфатни пакет-мерки, вклучувајќи зголемување на каматните стапки, повисоки задолжителни резерви и заострување на макропрудентните мерки, со цел да се спречат секундарните ефекти врз инфлацијата и да се зачува довербата во економијата.
Гувернерот посочи дека стабилниот девизен курс е темелот на макроекономската стабилност во земјава.
Во мала и отворена економија, како нашата, стабилниот девизен курс претставува главно сидро за очекувањата и важен фактор за ограничување на преносот на надворешните ценовни шокови врз домашната економија. Во текот на последните светски кризи, повторно се потврди ефикасноста на оваа стратегија – истакна Славески.
Тој нагласи дека, благодарение на навремените и одлучни политики, инфлацијата е значително намалена, додека економскиот раст и натаму е отпорен, а финансискиот систем ја зачува својата стабилност.
Во дискусијата за актуелните светски ризици, гувернерот предупреди дека неизвесноста и натаму е висока поради геополитичките тензии и нивното влијание врз енергетските пазари и светската трговија. Притоа истакна дека Народната банка и во иднина ќе биде внимателна и подготвена навремено да реагира доколку ризиците почнат да се остваруваат.
Денес сме во подобра позиција отколку за време на претходниот шок. Инфлацијата е значително пониска, девизните резерви се повисоки, а довербата во домашната валута и во банкарскиот систем е силна. Тоа е резултат на соодветните политики, јасната комуникација и долгогодишната посветеност на одржувањето на стабилноста на девизниот курс – нагласи гувернерот Славески.
На крајот, тој посочи дека монетарната политика не може сама да го носи товарот на приспособувањето кон светските предизвици и дека е неопходна координација со одговорна фискална политика и спроведување структурни реформи насочени кон зголемување на продуктивноста, енергетската диверзификација и отпорноста на економијата.
На панел-дискусијата, покрај гувернерот Славески, учествуваа и гувернерите на централните банки на Аргентина, Исланд и Монголија.

Македонски



