Skip to main content

Сиљановска-Давкова: Го поздравувам нон-пејперот на Мерц и Макрон, но кога ќе видиме „пејпер“ тогаш ќе можам да кажам за што се работи

Кога ќе видиме „пејпер“, тогаш ќе можам да кажам за што се работи. Ова е одговорот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за нон-пејперот што беше претставен во пресрет на самитот Европска Унија – Западен Балкан во Тиват, а зад кој стојат германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон.

Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, Сиљановска-Давкова додаде дека нон-пејпер значи нешто без наслов, без име, без потписи, а со идеи.

Но, секогаш ваквиот тип документи, или многу често, им претходеле на вистинските документи. Ако се оценува чекорот, тогаш го поздравувам. Зошто? Бидејќи ако досега ние во поглед на Западниот Балкан велевме ‘на Западот ништо ново’, бидејќи дури и двата клучни претенденти за членство го сменија мислењето, едниот, вториот, мислам на Албанија и на господинот Рама, тогаш навистина било однесувањето нејасно во поглед на интегрирањето на Западниот Балкан. И тоа не е нешто ново. Тоа го констатираат и врвни познавачи на евроинтеграциите на Западот – 13 години никој од овој регион не влегол во Европската Унија. Мислам дека тоа ќе биде Црна Гора и мислам дека тоа ќе биде уште еден доказ дека портите се отворени. (…) Паметите кога премиерот во една прилика кога се врати и од самитот на Европската политичка заедница, спомена дека има предлози, варијанти итн. Да, се разбира, кога сте во политиката мора да бидете кредибилни. Сè додека не видите еден документ кој нема да биде нон-пејпер, туку ќе биде обврзувачки, треба да ги мерите зборовите. Во таа смисла јас кажувам дека да, веќе подолго време многу познати тинк-тенкови работеа на проблемите со коишто се соочува Европската Унија и моделите за нивно решавање, и секогаш излегуваше една мисла дека поголема Европска Унија, поширока Европска Унија е покомпетитивен играч на комплицираната глобална мултиполарна сцена. Исто така, решени проблеми на т.н. Западен Балкан значат и мир во Европа. Значи, како да оживеа духот на Солун од 2003 година кога и поддршката и заложбите беа јасни, ама потоа мислам дека се појави една конфузија во односот.

Најпрво на нон-пејперот гледам низ регионална призма. За жал, ние сè уште не сфативме дека доколку не манифестираме регионално разбирање, доколку не ги препознаеме и не ги браниме регионалните интереси, дури и кога ќе влеземе еден ден во Европската Унија, не ќе можат да нè препознаат по тоа што навистина ќе бидеме и фактор усогласен во процесот на одлучувањето. Значи, регионално во овие услови мислам дека е тоа добар чекор и дека најважното можеби за мене е што гарантира извесност – тоа е зборот на госпоѓата Фон дер Лајен – извесност на процесот. Инаку, ние и сега имаме некои од можностите што овде се детализирани и специфицирани. Сме учествувале во работата на некои тела, еве на пример тука кога гледаме Таиекс или Фронтекс итн., ние сме учествувале во таа работа. Но, мислам дека овде сега, штом лидерите на основачите на Европската Унија застанаа зад овој проект – особено ова го мислам за господинот Макрон, бидејќи познати ми се неговите ставови, авторот или креаторот, предлагачот на новата методологија, да потсетам, во текот на преговорите е тој – кога сега тој излегува со нова методологија, бидејќи за господинот Мерц и за Германија тоа беше познато, признава дека нешто на Западот не било добро и дека односот кон т.н. Западен Балкан мора да се ревидира. Кога реков не е случајно – ги паметам неговите зборови во Хаг, во Холандија, во панелот со којшто тој раководеше токму за прашањето на проширувањето, на заканите по Западниот Балкан, кога самиот рече дека доста беа зборови, мораме да преземеме активности. Тие активности ги гледам овде. Нашиот пример. Се разбира дека да, се разбира дека сите овие мерки, доколку во тој главниот пејпер – а се надевам дека ќе биде така – не препознаеме замена или супститут за членство, што мислам дека не само Украина, туку и другите држави не би го прифатиле, мислам дека ќе нè држи во кондиција и ќе ни го овозможува она што ќе нè прави послични на европските членки. Значи, на некој начин ќе биде европеизација во чекорење и заедно. Првиот чекор на оваа филозофија всушност беше Планот за раст и тоа не е случајно. Ова е веќе втор чекор на она што е реформирање.

Поврзани вести