
Владата останува на ставот дека клиничката болница во Скопје треба да се гради во близина на базенот кај арената „Борис Трајковски“ и оти тоа е најдобро решение.
– Дефинитивно, остануваме на ставот дека Клиничката болница во Скопје треба да се гради на платото пред базенот „Борис Трајковски“. Тоа е земјиште, кое е во приватна сопственост. Преговараме со приватниот сопственик и сакаме тука да го направиме сето тоа да може со подземен тунел да се поврзе со актуелната болница „8 Септември“. Тука ни се ПЕТ-центарот и Поликлиниката „Букурешт“ и тоа ќе биде еден целосен заокружен комплекс – рече премиерот Христијан Мицкоски на денешниот брифинг со новинарите.
Тој додаде дека со сопственикот на оваа приватна парцела преговараат да се направи трампа земја за земја и да се види до каде ќе се стигне. Досега, како што рече, е задоволен од тоа како течат преговорите.
Мицкоски најави дека продолжува и реализацијата на изградбата на клиничката болница во Штип заедно со медицински факултет и студентски дом, како и клиничката болница во Тетово и здравствен дом со проширена дејност во Кичево.
МИА

Македонски


