Skip to main content

Прво јавно појавување на поранешниот кубански претседател Раул Кастро, по обвиненијата од САД

Раул Кастро, поранешниот кубански претседател, се појави во јавноста за првпат откако САД го обвинија за неговата наводна улога во соборувањето на два цивилни авиони во 1966 година, покажуваат две официјални видеа објавени денеска.

Прославата на 95-тиот роденден на Кастро со високи функционери и воени лидери доцна синоќа во Министерството за внатрешни работи во Хавана беше можност за социјалистичката влада на Куба да ги збие редовите и да покаже пркос додека администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја засилува својата кампања на притисок врз островот, јавија американски медиуми.

Државната телевизија емитуваше снимки од Кастро во маслинесто-зелена воена униформа како влегува во преполниот театар со овации, проследени од неговиот внук и телохранител Раул Гилермо Родригез и кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел.

Дијаз-Канел оддаде почит на „херојството и достоинството“ што го покажаа Кастро и неговиот покоен брат, централната фигура на кубанската револуција, Фидел Кастро.
Тој го пофали Раул Кастро, кој беше министер за одбрана на Куба речиси 50 години, „за храброста и лојалноста“.

Во подиректен одговор на провокациите од администрацијата на Трамп, Дијаз-Канел предупреди дека ќе следи „решителна и цврста борба“ доколку САД ги спроведат своите закани и го окупираат островот.

Синоќешната прослава, два дена по роденденот на Кастро, означи редок јавен настап на ненаметливиот, но влијателен генерал на кубанската армија. Иако официјално се пензионираше од политиката во април 2021 година, се верува дека Раул Кастро сè уште има значителна политичка моќ.

Во мај, американскитре власти го обвинија поранешниот кубански претседател Раул Кастро за наводна вмешаност во соборувањето на два цивилни авиона покрај брегот на Куба, кога загинаа четири лица во 1996 година.

Тоа беше најстрогата од низата мерки откако администрацијата на Трамп практично ги прекина испораките на нафта за Куба во јануари.

Администрацијата на Трамп бара социјалистичката влада на Куба да ослободи политички затвореници, да спроведе големи економски реформи и да го промени својот начин на управување, така што нема да претставува закана за националната безбедност на САД. Куба, од своја страна, вели дека не претставува никаква закана за САД. 

Поврзани вести