Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби денеска изрази уверување дека договорот за прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас ќе почне да се применува в недела и дека ќе бидат решени прашањата што се појавиле во последен момент.
Кирби го изјави тоа затоа што Израел се уште официјално не објавил дека е постигнат договор, инсистирајќи на тоа дека има преостанати детали што треба да се финализираат и дека палестинската екстремистичка организација Хамас поставува пречки во преговорите.
„Свесни сме за тие прашања што премиерот ги покрена денеска и работиме на нив. Нашиот тим на терен всушност работи со него и неговиот тим за да го средиме тоа и да го олесниме и да продолжиме напред“, изјави Кирби за Ен-Би-Си Њуз.