
На вчерашното затворање на 16. Филозофски филмски фестивал беа прогласени добитниците на годинешните награди. Во Официјалната селекција на долгометражни филмови, „Златен був“ за најдобар филм од жирито доби „Месечината ми е татко“ од грузискиот режисер Гиорги Овашвили. Во образложението на стручното жири се вели дека „Златниот був“ се доделува за способноста тишината да ја претвори во јазик, бавноста во мисла, а сликата во мит. Од друга страна, со Златен був“ од гласовите на публиката се закити филмот „Тивок пријател“ од унгарската режисерка Илдико Ењеди.
Од петнаесетте филма во Официјална селекција на краткометражни филмови наградени беа три. Жирито додели „Златен був“ за најдобар филм на „О“ од Рунар Рунарсон истакнувајќи дека „сценаристот и режисер Рунар Рунарсон, заедно со својата извонредна кинематографка Софија Олсон, го портретираат човекот кој испаднал од вообичаеното буржоаско секојдневие, неговиот копнеж и неговиот неуспех, во естетски префинети сиви нијанси снимени на црно-бела Super-16mm филмска лента“. Според гласовите на публиката, „Златниот був“ оди за Гинтаре Парулите со „Преплет“. Исто така, беше доделено и специјалното признание „Стефан Сидовски-Сидо“ (за чија награда уметницата Соња Чингарова Фотева по седми пат доделува уметничка слика) на филмот „Мило ми е што си сега мртов“ од Тауфик Бархом. Габриеле Зиндлер ќитајќи ја одлуката на стручното жири, напомена дека одлуката е донесена, меѓудругото, и поради „минималистичкиот израз во однос на филмскиот јазик, нешто што соодветствува на сопствената филозофија на филмот на Сидо, но кој истовремено носи тежина со својата силна филозофска порака“.

Годинешното жири го сочинуваа домашни и меѓународни познавачи на филмот и филозофијата: Габриеле Зиндлер (скрипт-експерт, Австрија), Адријано Ерколани (филозоф и новинар, Италија) и Катерина Колозова (филозофина).
Фестивалот, покрај со прогласувањето на наградените филмови вчеравечер се затвори и со проекција на краткиот филм „Сценарија“ и придружното „Експозе“, последните филмови на Жан-Лик Годар. Вечерта се заврши со концерт на бендот „Кокиче“ во чиј состав се: Филип Методиев, Раде Биковски, Мартин Џорлев и Дарио Циевски.

Овогодишното 16. издание на Фестивалот се одржа од 21 до 28 мај, под мотото „Слобода во слободен пад“, во организација на Филозофското друштво на Македонија, во соработка со Филозофскиот факултет при УКИМ и Младинскиот културен центар, и со институционално поддршка од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Македонски


