Skip to main content

„Убавицата и ѕверот“ и „Петар Пан“ на Фестивалот на детски мјузикли во „Фросина“

Детскиот културен центар „Карпош“ по трет пат го организира „Фестивалот на детски мјузикли“, кој годинава ќе се одржи од 30 мај до 1 јуни во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје. Фестивалот се реализира под покровителство на Град Скопје.

Мјузиклот е музичко-сценска форма во која се спојуваат пеење, глума и танц, а токму тоа е и идејата на фестивалот: да им даде простор на децата и младите кои имаат талент за сцена, музика и движење. Преку аудиции се избираат учесници кои настапуваат во детски мјузикли, а дел од изведбите се препеани на македонски јазик од Весна Малинова.

Фестивалот ќе биде отворен на 30 мај во 19 часот со мјузиклот „Убавицата и ѕверот“, кој премиерно ќе биде изведен препеан на македонски јазик. Изведбата е на Студиото за детски и младински мјузикли „Бродвеј Јуниор“ од Скопје, под раководство на Наташа Јанкова.

За публиката која нема да може да ја погледне премиерната изведба, „Убавицата и ѕверот“ ќе биде прикажан и на 31 мај, исто така од 19 часот.

На 1 јуни, со почеток во 12 часот, ќе биде изведен мјузиклот „Петар Пан“ на англиски јазик, во изведба на учениците од Интернационалното училиште QSI од Скопје.

Целта на фестивалот е да го афирмира мјузиклот како форма што ги обединува пеењето, глумата и танцот, да ја развива вокалната техника кај децата и да ја едуцира младата публика за вреднување на сопствените културни потенцијали. Во исто време, фестивалот отвора и можност дел од младите учесници токму преку ваквите сценски искуства да ја препознаат својата идна професија.

Поврзани вести