Skip to main content

Бојан Стојаноски: СДСМ остави јавен долг од 8,8 милијарди евра, враќаме две еврообврзници

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, во гостување на телевизија Телма во емисијата „Директно“, изјави дека државата во наредните години ќе се соочи со сериозен товар од враќање на стари долгови, кои, како што посочи, биле создадени во периодот на претходната власт.

Според него, во следните три години земјава треба да врати околу шест милијарди евра стари долгови, а во периодот од 2026 до 2031 година вкупниот износ достигнува приближно девет милијарди евра. Стојаноски нагласи дека дел од новиот заем ќе биде искористен токму за сервисирање на тие обврски, потсетувајќи дека во јуни треба да се исплати и втората транша од еврообврзницата во износ од 700 милиони евра, земена во 2020 година.

Тој обвини дека во периодот од 2020 до 2024 година, додека СДСМ бил на власт, во Собранието биле доставени 28 закони за задолжување, сите по скратена постапка. Воедно оцени дека актуелниот закон за задолжување не може да се смета за нетранспарентен, бидејќи, како што рече, претходно бил усвоен на владина седница, доставен до сите пратеници, а со матичната комисија претседавала пратеничка од СДСМ.

Стојаноски посочи дека средствата од новиот заем, покрај за враќање на старите долгови, ќе бидат насочени и кон реализација на капитални инвестиции, кои, според него, се дел од економската политика на Владата за поттикнување на растот.

Тој истакна дека јавниот долг, кога ВМРО-ДПМНЕ ја напуштило власта, изнесувал околу 4,7 милијарди евра или 44–45 проценти од БДП, додека во 2024 година достигнал 8,8 милијарди евра. Додаде дека во изминатите две години биле вратени две еврообврзници – од 500 и од 700 милиони евра – за што, како што рече, било потребно да се обезбедат 1,2 милијарди евра.

Во своето излагање, Стојаноски се повика и на наодите на Државниот завод за ревизија, тврдејќи дека голем дел од претходните задолжувања биле трошени нетранспарентно.

Осврнувајќи се и на унгарскиот кредит, Стојаноски рече дека средствата пласирани кон деловниот сектор и кон општините ќе се вратат повеќекратно во Буџетот, а како аргумент го посочи економскиот раст.

„Токму затоа имате ситуација во која шест квартали по ред има раст на БДП од околу 3,5 проценти“, истакна Стојаноски, се наведува во партиското соопштение.

Поврзани вести