
Македонската Влада е за исполнување на критериумите за членство во Европската Унија и сметам дека тие напредуваат многу добро – оцени хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ при денешната посета на земјата.
Одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција во Охрид со премиерот Христијан Мицкоски, забележа дека единственото отворено прашање во овој момент се односите со Бугарија.
– Бугарија имаше избори. Имаме стар претседател и нов премиер, господинот Радев, па ги очекуваме првите контакти, првите чекори што ќе ги направите на тоа ниво. Го следиме дијалогот што го имавте на министерско ниво и ќе настојуваме да ви помогнеме да се премостат пречките што постојат во тој процес – рече Пленковиќ.
Коментирајќи го нон пејперот од германскиот канцелар Фридрих Мерц за планираните новини за проширувањето во Европската Унија, Пленковиќ истакна дека тоа е очекувано писмо, кое пред сè се однесува на Укранина, и смета дека не може за едни земји да има кратенки, а за други бавност.
– Што се однесува до писмото на канцеларот Мерц, тоа за мене не е неочекувано. Тоа е плод, би рекол, на повеќемесечни размислувања, кои долго се присутни во Берлин. Ние за тоа разговаравме на самитот во Загреб, тоа беше самит на нашите сестрински партии од семејството на Европските народни партии (ЕПП), каде што беше сосем јасно дека очекувањата во тоа писмо, пред сè, се однесуваат на европската перспектива на Украина. Нема да може да излезат во пресрет на она што Украина го преживувала, особено во контекст на мировните преговори иницирани од страна на Соединетите Американски Држави, кои подразбираат полноправно членство – истакна Пленковиќ.
Сосема јасно е, според него, дека постои позитивна политичка волја од страна на канцеларот Мерц. Тој, како што посочи, тоа јасно го артикулирал и на самитот во Кипар пред еден месец, на кој бил присутен и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рекол дека треба да се испратат конкретни политички сигнали за поддршка на Украина за приспособено членство во ЕУ.
– Во тоа писмо, секако, се споменуваат и други земји, односно барем подрачјето на Југоисточна Европа за кое исто така би требало да се пронајде решение. Позицијата на Хрватска е многу јасна цело време. Ако се откажеме од концепцијата на таканаречените индивидуални заслуги за секоја земја посебно, ако се прават некакви кратенки, односно пократки патишта, или ако се трансформира перспективата за членство – во овој случај најмногу за Украина – во нешто што повеќе личи на статусот што го имаат земјите што го склучиле таканаречениот европски економски договор или нешто што порано го имаше ЕФТА, но сепак со подигнато институционално учество, тогаш мораме да гледаме како тоа се однесува и на сите други. Значи, не може да има кратенки за едни, а бавност за други. Тоа е првата позиција – посочи Пленковиќ.
Втората позиција, како што нагласи хрватскиот премиер, е дека има голема разлика во апсорпциониот капацитет на Украина во однос на сите други држави кандидати.
– Сите други се помали и по број на население, а и помалку се сложени во смисла на нивното влијание врз буџетските импликации на Европската Унија и врз клучните секторски политики, како што се земјоделството или регионалниот развој, односно кохезивната политика. Затоа се бара едно специфично решение и за тоа ќе расправаме, верувам, следната неделам најпрвин во Црна Гора, а потоа и на редовниот состанок на Европскиот совет, кој ќе се одржи во средината на јуни во Брисел – рече Пленковиќ.

Македонски


