Skip to main content

Тошковски на средба со евроамбасадорот Рокас: Продолжува поддршката за модернизација на МВР

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, на која главен акцент бил ставен на имплементацијата на реформите и зајакнувањето на капацитетите на полицијата.

За време на разговорот, како што информираат од МВР, се дискутирало за клучните аспекти на соработката со Брисел, како и за тековните проекти кои се спроведуваат со европска помош.

Министерот Тошковски преку социјалните мрежи упати благодарност до европските партнери за досегашната поддршка:

„Остварив средба со амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, на која разговаравме за реформските процеси, унапредувањето на капацитетите на Министерството за внатрешни работи и продолжување на силната партнерска соработка со Европската Унија. Изразив благодарност за континуираната поддршка што Европската Унија ја дава на Министерството за внатрешни работи преку ИПА програмите, реформската агенда и заедничките проекти насочени кон модернизација на институциите и јакнење на безбедносниот систем.“

На средбата биле отворени и прашањата за регионалната безбедност, како и за засилување на контролата и соработката на граничните премини.

„Разговаравме и за активностите во рамки на прекуграничната соработка, како и за заедничките приоритети поврзани со справувањето со современите безбедносни предизвици. Остануваме посветени на градење модерно, професионално и европско Министерство за внатрешни работи, кое ефикасно ќе одговори на потребите на граѓаните и предизвиците на времето“, соопшти министерот Тошковски.

Поврзани вести