Skip to main content

Билјана Драгиќевиќ Пројковска најдобра актерка, „Кокошка” најдобра претстава на PITF

Претставата „Кокошка”, во копродукција на независната театарска група Вортекс и Театар Комедија, ги освои двете најзначајни награди на јубилејното десетто издание на Интернационален театарски фестивал во Приштина, кое се одржа од 18 до 23 мај, годинава во Приштина.

Наградата за најдобро актерско остварување на фестивалот ѝ беше доделена на Билјана Драгиќевиќ Пројковска за улогата на Ала во претставата „Кокошка“, додека претставата ја доби и главната награда за најдобра претстава на фестивалот.

Во образложението на стручното интернационално жири за актерската награда се наведува дека изведбата на Билјана Драгиќевиќ Пројковска се одликува со исклучителна актерска зрелост, храброст и прецизност во изразот. Нејзината интерпретација, според жирито е „апсолутно ослободена од вишок, кристално јасна и целосно уверлива“.

Оваа награда за Билјана Драгиќевиќ Пројковска е најновата во низата актерски награди и признанија, национални и меѓународни, кои, оваа брилијантна македонска актерка ги добива во последните неколку години за речиси секој проект во кој учествува.

Во однос на наградата за најдобра претстава, жирито ја издвои „Кокошка“ поради нејзината автентична сценска енергија и доследниот уметнички, експериментален пристап, преку кој претставата создава современ и препознатлив театарски јазик.


Со тоа, „Кокошка“ се вброи меѓу најзабележителните остварувања во официјалната програма на годинашното издание.

Во годинешната официјална селекција на Интернационален театарски фестивал во Приштина учествуваа продукции од Косово, Црна Гора, Италија, Босна и Херцеговина и Македонија.

Претставата е во режија на Теодора Силјаноска, која ги потпишува и сценографијата и изборот на музика. Во актерската екипа настапуваат Билјана Драгиќевиќ Пројковска, Ане Блажовски, Кристина Гиева, Toме Станковски и Ванеса Тримчевска. Костимографијата е на Марија Пупучевска, а сценските движења ги креираше Дарко Велиќ.

Во наредниот период, претставата ќе биде прикажана во официјалната селекција на Меѓународниот фестивал за современа драма- Kolyada – Plays, како и на Скопско лето.

Поврзани вести