Skip to main content

Најмалку 28 луѓе загинаа во поројни дождови и поплави во Авганистан

Фото: Freepik

Најмалку 28 лица загинаа, а 10 други се повредени во неколку авганистански провинции во изминатите 48 часа поради поројни дождови, поплави, одрони и удари од гром, соопшти денеска државната служба за управување со катастрофи.

Портпаролот на службата, Мохамад Јусуф Хамад, во изјава посочи дека стотици домови биле целосно или делумно оштетени, пренесе ДПА.

Автопатот Саланг, главната рута што го поврзува главниот град Кабул со северен Авганистан, исто така беше привремено затворен за сообраќај поради поплавите. Во некои провинции, безбедносните сили користеа воени возила и хеликоптери за да ги спасат настраданите од областите погодени од поплавите.

Метеоролошката служба на земјата предвидува обилни врнежи од дожд за викендот.

Смртоносни поплави во изминатите години постојано го погодуваат Авганистан, предизвикувајќи значителни човечки жртви, повреди и широко распространети штети на домовите, инфраструктурата и земјоделското земјиште.

Екстремните временски појави, како што се поројните поплави и сушите, се во пораст во Авганистан, што експертите го поврзуваат со климатската криза.

И покрај тоа што има занемарлив јаглероден отпечаток, земјата се рангира меѓу нациите кои се најмногу погодени од климатските промени и останува нецелосно подготвена да се справи со нив по децении конфликти, лоша инфраструктура и кревка економија, дополнително усложнети од неодамнешните земјотреси и силните поплави.

Поврзани вести