
Велосипедист бил нападнат од глутница кучиња на Средно Водно, се наведува во објава на социјалните мрежи во која се алармира за безбедноста на рекреативците и посетителите на оваа локација. Според објавата, нападот се случил сред бел ден, на место кое секојдневно го користат велосипедисти, спортисти и граѓани.
„Ова НЕ е нормално. И НЕ смееме да се правиме дека е“, стои во реакцијата.
Во објавата се оценува дека ваквите случаи повеќе не треба да се третираат како поединечни инциденти, туку како проблем што бара системско решение.
„Велосипедист нападнат од глутница кучиња на Средно Водно. Денес, сред бел ден. На место каде што треба да сме безбедни. Ова веќе не е ‘инцидент’ – ова е системски проблем што никој не го решава“, се наведува во статусот.
Авторот на објавата прашува колку напади треба да се случат за институциите да преземат конкретни мерки.
„Колку луѓе треба да бидат нападнати? Колку пати ќе гледаме исти сцени? Институциите спијат. А граѓаните се снаоѓаат сами – со страв“, се додава во реакцијата.
Во објавата се потенцира дека потребно е трајно и организирано решение кое ќе обезбеди безбедност и за луѓето и за животните.
„Не, ова не е хуманост. Хуманост е системско решение, контрола, грижа и безбедност за сите – и за луѓето и за животните. Водно не е зона на ризик. Водно е за спорт, здравје и мир“, се наведува во статусот.

Македонски



