Skip to main content

ЗНМ предупредува: Без стабилно финансирање, реформите во МРТ ќе останат декларативни

На отворената седница на Програмскиот совет на МРТ, на која се разговараше за иднината на јавниот сервис, неговите развојни приоритети и потребата од суштински реформи, беше отворено и прашањето за финансирањето на МРТ, Македонска радиодифузија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Како што информираат од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), претставник на медиумскиот регулатор посочил дека Владата на седница донела заклучок за измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, конкретно на член 105 став 1, со кои како основа за пресметка на средствата би се земала 2023 година, наместо претходната година како што предвидува сегашното законско решение.

Според ЗНМ, ваквиот пристап може негативно да се одрази врз финансирањето на МРТ, МРД и АВМУ и директно да ги ограничи можностите за спроведување на најавените реформи.

„Секоја измена на законската рамка која има директно влијание врз финансирањето на јавниот сервис, радиодифузната инфраструктура и медиумскиот регулатор мора да биде транспарентна, образложена и подготвена со вклучување на сите релевантни чинители. Намалување на буџетската основа, без јавна расправа и без претходна консултација со Програмскиот совет на МРТ, АВМУ, МРД, новинарските организации и медиумската заедница, создава ризик реформите да останат само декларативна заложба“, наведуваат од ЗНМ.

Од таму потенцираат дека стабилното и предвидливо финансирање е предуслов за независен, професионален и модерен јавен сервис.

„Без соодветни средства не може реално да се очекуваат нови вработувања, кадровско подмладување, дигитализација на архивата, технолошка модернизација, развој на нови платформи, подобрување на условите за работа и зајакнување на дописничката мрежа“, стои во соопштението.

Претседателот на Програмскиот совет на МРТ, Давор Пашоски, на седницата ја истакнал потребата од нов закон за МРТ, ревидирање на Етичкиот кодекс и зајакнување на соработката со меѓународните организации.

„Програмскиот совет останува отворен за соработка со сите релевантни чинители, а токму одржувањето на оваа отворена седница е потврда на таквиот пристап и на заложбата за поширок професионален дијалог околу иднината на МРТ“, посочил Пашоски.

Новиот директор на МРТ, Зоран Ристоски, ги презентирал клучните насоки од својата програма, нагласувајќи дека целта е да се врати нивото на јавниот сервис.

„Без силен јавен сервис нема силни медиуми во државата“, истакнал Ристоски, додавајќи дека медиумскиот простор во Македонија во последните две децении е на ниско ниво и дека се потребни сериозни чекори за негово подобрување.

Тој говорел и за предизвиците со кои се соочува МРТ, посочувајќи дека бројот на вработени е намален од околу 2.000 на околу 600, а проблем претставуваат и старосната структура на кадарот и условите за работа. Во тек е финансиска анализа, а најавени се мерки за зголемување на бројот на новинари, дигитализација на архивата на МТВ, развој на нова дигитална платформа, вработување млади кадри и организирање обуки.

На седницата се обратил и претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, кој нагласил дека МРТ треба да биде лидер и пример во реформите на медиумскиот сектор.

„МРТ треба да биде лидер, пример и партнер во реформите на медиумскиот сектор“, истакнал Чадиковски.

Тој додал дека јавниот сервис треба да поставува стандарди за професионалност, технолошки развој, кадровски иновации и заштита на јавниот интерес, при што реформите треба да го зачуваат и дополнително да го развијат плурализмот на содржини што МРТ го има воспоставено низ годините.

Чадиковски посочил дека ЗНМ се залага за подобра законска рамка и отворање дебата за посебен закон за МРТ.

„Во идните законски решенија треба јасно да се дефинира статусот на новинарите и креативниот кадар, кои не треба да се третираат како јавна администрација, бидејќи тоа го усложнува процесот на вработување и професионален развој“, нагласил тој.

Според него, потребно е развивање на мрежа на локални дописници со редовни договори и соодветна инфраструктура, како и размислување за дописници од странство, што комерцијалните медиуми тешко можат самостојно да го обезбедат.

Извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, предложил конкретни форми на соработка меѓу ЗНМ и МРТ.

„ЗНМ, во соработка со Македонскиот институт за медиуми, може да даде поддршка во проценка и унапредување на постојниот Етички кодекс на МРТ, како и да помогне во процесот на подготовка на новиот петгодишен стратешки план за работа на јавниот сервис“, посочил Секуловски.

Тој најавил и можност за бесплатна обука за новинарите на МРТ преку Тренинг академијата на ЗНМ, со поддршка од Делегацијата на Европската Унија, како и нова иницијатива поддржана од УНДП за зајакнување на информацискиот интегритет и поширока соработка меѓу институциите, медиумите и граѓанските организации.

Од ЗНМ порачуваат дека остануваат посветени на партнерски пристап и поддршка на реформите, но предупредуваат дека тие не можат да се реализираат без стабилно, транспарентно и предвидливо финансирање на МРТ, МРД и АВМУ, како и без отворени консултации за законските измени што директно влијаат врз медиумскиот систем и јавниот интерес.

Поврзани вести