
Македонската радио-телевизија подготвува враќање на големите светски телевизиски формати, со кои јавниот сервис планира да отвори нов простор за музички таленти, забавна програма и квиз-содржини.
Како што најави Стојан Трпчевски, уредник на Првиот програмски сервис, веќе се договорени три светски формати, од кои два се директно поврзани со музиката и откривањето нови таленти.
Еден од нив е „Македонски идол“, формат посветен на откривање нови пејачи и нивните музички приказни.
„Имаме огромен музички потенцијал. На аудициите ќе бараме нови приказни и нови пејачи“, изјави Трпчевски.
На МРТ ќе се врати и познатиот „X Factor“, во кој освен вокалните способности, од кандидатите се очекуваат сценска харизма, самодоверба и способност да ја освојат публиката.
„Ова е формат за оние кои можат да се појават на сцената и веруваат дека еден обичен сон може да стане голема сцена. За овој формат не е потребен само добар глас, туку малку повеќе од тоа, а ние ќе го бараме токму тој X Factor“, рече Трпчевски.
Третиот светски формат што ќе биде дел од програмата на МРТ е „Password“ („Лозинка“), динамичен квиз во кој натпреварувачите преку асоцијации ќе се обидуваат да ги погодат зададените поими.
Покрај овие формати, јавниот сервис подготвува и низа нови програмски содржини.
Меѓу најавите се и три нови информативни формати, меѓу кои емисијата „Без наслов со повод“, во која новинари ќе ги коментираат и анализираат актуелните теми.
МРТ планира и повторно да ги стави во фокус детските содржини – се најавува враќање на детската радиодрама и детскиот хор, како и возобновување на фестивалите за деца и возрасни. Во програмската шема е предвидена и викенд-емисијата „Женски муабети“.
Во попладневниот и вечерниот термин ќе има простор и за подкасти со познати новинари, музичари, актери и гости од различни области.
„Имаме амбициозен план – МРТ да биде отворена и да создаде синергија со публиката. МРТ која ќе ја почитува традицијата, но ќе гледа кон иднината“, порача Трпчевски.

Македонски


