
Вчеравечер, во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар, официјално се отвори годинешното 16. издание на Филозофскиот филмски фестивал. На првата фестивалска вечер стотина посетители уживаа во филозофски курираната програма за чиј почеток беше избран италијанскиот филм „Друг крај“ од Пјеро Месина. Филмот е дел од Официјалната селекција на долгометражни филмови (ОСД) што селекторот м-р Кирил Трајчев накратко ја најави пред почетокот на проекцијата. Вечерта се заокружи со суптилните џез импровизации на „Галактик ефенди“ кои го наполнија платото пред МКЦ.
Свечениот дел од вечерта го модерираше координаторот на Фестивалот, Андреј Медиќ Лазаревски. Програмскиот директор Ѓорги Пулевски во контекст на годинешното мото „Слобода во слободен пад“ истакна:
Знам дека многумина изминатите неколку години се чувствуваат преплавени и натажени од сè што се случува ширум светот. Ја разбирамe потребата едноставно да се исклучиме од сè што нè опкружува. Но ние искрено веруваме дека ете – филмот и филозофијата навистина ни помагаат да се поврземе едни со други и подобро да се разбереме. Тие се двата прозорци што нудат грст слобода и низ кои се обидуваме да го согледаме светот, дури и кога тој изгледа непрегледен.
Амбасадорот на Република Италија во Скопје, Паоло Палминтери, во своето пригодно обраќање надоврзувајќи се на темата избрана за оваа година истакна дека таа:
Би можела да биде наслов на семинар по политички науки за актуелните состојби во меѓународните односи, каде што наместо сила на правото владее правото на силата. Италијанската кинематографија учествува во оваа рефлексија со две дела кои се временски оддалечени, но ја делат способноста за преиспитување на реалноста надвор од површинскиот наратив“.
Убавиот почеток е само најава за она што следува, а викендов Фестивалот продолжува со проекции во два термина (18:00 и 21:00). Публиката своите билети по цена од 200 денари ќе има можност да ги набави пред почетокот на филмовите или онлајн.

Вечерва од 18:00 часот со филмот „Истражна постапка против еден граѓанин надвор од секакво сомнение“ [1970] од Елио Петри остануваме на италијанско тло. Во своето поздравно обраќање Н.Е. Паоло Палминтери говорејќи за овој фолм посочи дека тој: …рефлектира теми од голема актуелна важност, кои се движат од границите на правдата до коруптивните логики на моќта, и за тоа како тие можат да резултираат со авторитаризам и популизам“. Оваа проекција е дел од Ревијалната програма „Филм-филозофија“, која е поврзана со излагања на филмофили, професори, филозофи и вљубеници во амалгамот на филмското и филозофското. По проекцијата за филмот ќе зборува фестивалскиот гостин Адријано Ерколани, италијански мистичен филозоф, есеист и популаризатор на науката. Втората проекција за денес, закажана за 21:00 часот, е посветена на вториот филм од официјалната долгометражна селекција, „Спомен за мирисот на нештата“ [2025] од португалскиот режисер Антонио Фереира. Филмот нуди извонредно суптилен и поетски портрет на егзистенцијалната кршливост во квечерината на животот. Главниот лик Арменио соочен со немилосрдната ранливост на стареењето и неизбежноста на смртта, е принуден да одговори на суштинската дилема: дали вистинското ослободување од историјата лежи во нејзиното заборавање или во нејзиното бескомпромисно признавање?
На третиот фестивалски ден (23 мај, сабота) на програмата се два шпански филма. Најпрвин е проекција на филм од Ревијалната програма „Филм-филозофија“, култниот „Ах, Кармела“ [1990], 23-тиот игран филм на прочуениот шпански режисер Карлос Саура. Проекцијата ќе започне во 18:00 часот, а по неа свое видување за филмот ќе ни претстави книжевницата, истражувачка и преведувачка, Грација Атанасовска. Филмот ја прикажува ситуацијата во која патувачко кабаре-трио е соочено со смртна опасност и принудено да приреди претстава за војниците на Франко, газејќи ги сопствените идеали. Афирмирајќи ја индивидуалната креативност и уметничка слобода, филмот нè потсетува дека уметноста може да биде инструмент за болен компромис, но и најгласно оружје за отпор против политичките прогони. Во вториот термин (во 21:00) повторно ќе има филм од Официјалната селекција на долгометражни филмови, односно „Туѓинка“ на шпанската режисерка Лусија Алењар Иглесијас. Награден во Торонто и Ваљадолид, филмот е маестрална, дискретна опсервација на претопувањето на една личност во друга – фасцинантен приказ на дисонанцата помеѓу стравот од преземањето на улогата на возрасен и неизбежното препознавање на заминатите сакани во сопствениот одраз.

Во недела, во попладневниот термин (18:00 часот), посетителите ќе имаат можност да го погледнат првиот дел од Официјалната селекција на краткометражни филмови (ОСК), курирана од селекторот д-р Дејан Здравков, и кои се дел од компетитивната програма. Ќе бидат прикажани следните филмови: „Утринско крукче“ [2025] од Басма ал-Шариф, „Кога ќе се раздени“ [2025] од Стефан Иванчиќ, „Преплет“ [2025] од Гинтаре Парулите, „Кога летаа гуските“ [2025] од Артур Геј, „Криенка“ [2024] од Виторија Васконселос, „Лили“ [2025] од Џаогуанг Луо и Шухан Лиао, „Вар“ [2025] од Сантијаго Дулсе, како и „Мило ми е што си сега мртов“ [2025] од Тауфик Бархом. Четвртиот фестивалски ден ќе заврши со проекцијата на четвртиот филм од Официјалната селекција на долгометражни филмови, „Тивок пријател“, кој е во режија на унгарската режисерка Илдико Ењеди. Новиот триптих на Ењеди, „Тивок пријател“, е медитативно кинематографско патување кое радикално ја изместува антропоцентричната перспектива, нудејќи провокативна егзистенцијална парадигма: што ако природата нè набљудува нас со истата испитувачка љубопитност?
На крајот од проекциите на филмовите од Официјалните селекции на долгометражни и краткометражни филмови публиката ќе може да ги даде своите оцени за филмовите и со тоа да придонесе во одлуките за наградите „Златен був“ од публиката во двете компетитивни селекции.
Целосната програма со сите детали за филмовите и настаните е достапна на официјалната веб-страница на фестивалот: pff.mk.

Македонски


