
Европратеникот и известувач за Албанија, Андреас Шидер денеска го критикуваше предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц за придружното членство на Украина во Европска Унија.
Шидер, кој е и шеф на делегацијата на Социјалдемократската партија на Австрија во ЕП, нагласи дека го разбира незадоволството на луѓето од Западен Балкан од предлогот на Мерц за Украина.
Земјите од Западен Балкан, како Албанија и Црна Гора со години вложуваат максимални напори за да ги исполнат критериумите потребни за членство во ЕУ. Другите држави, како Босна и Херцеговина и Србија веќе долго време чекаат во еден вид чекалница на ЕУ. Не смееме сега да направиме грешка и да испратиме погрешен сигнал до граѓаните на Западен Балкан со тоа што ќе дозволиме Украина да биде турната пред нив – посочи Шидер.
Тој додаде дека во патот кон ЕУ нема заобиколување на критериумите од Копенхаген.
Не смее да има брзи процедури или скратен пат. Во исто време, членството од втор ред никому не му помага. Членството во ЕУ е ветување за просперитет, мир и партнерство на еднаква основа. Не смееме да се однесуваме кон земјите-кандидати како кон некој што нема да добие целосен пристап до ЕУ и привилегиите што ги носи членството во таа заедница – истакна Шидер.
Тој додаде дека „солидарноста и поддршката за Украина не смеат да бидат доведени во прашање дури ни по повеќе од четири години од почетокот на војната, туку мора внимателно да бидат избрани инструментите за поддршка и не смеат да создаваат лажни надежи кај Украинците“.
Проширувањето на ЕУ е најмоќниот инструмент за надворешна политика што ни е на располагање. Мора да се погрижиме овој процес да не ја изгуби својата важност – потенцира Шидер.

Македонски


