Skip to main content
cWas7-dpl8M

Милошоски: Приговорот на ЕСМ е доказ дека обвинителите Коларевиќ и Абази постапиле непрофесионално и паушално во случајот Мазут

Денес уште еднаш сакаме да потсетиме на еден нов момент поврзан со случајот Мазут и со контроверзната одлука за прекинување на истрагата донесена од обвинителскиот тандем Коларевиќ и Абази, коишто делуваат во овој случај како заштитници на нивните покровители блиски до СДС и ДУИ, изјави Антонио Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.

Јавноста е сведок дека сега имаме и официјален приговор од ЕСМ којшто се однесува на неправилно ценење на доказите кои што ги наведе обвинителката Коларевиќ за прекинување на истрагата мазут. Овој приговор од ЕСМ е доказ дека обвинителката Коларевиќ постапила непрофесионално, а Ислам Абази ја потврдил оваа контроверзна одлука за скандалот Мазут, којшто е тежок 167 милиони евра набавки на мазут за ТЕЦ Неготино – изјави Антонио Милошоски.

Ова потврдува дека истрагата којашто ја водела обвинителката Коларевиќ била претежно паушална и дел од доказите за кривичната одговорност неосновано иземала како изговор за прекинување на постапката.

Приговорот на ЕСМ до Вишото јавно обвинителство дава правна можност за преиспитување на решението за скандалот Мазут и за корекција на ова контроверзно решение за прекин на истрагата од Коларевиќ и Абази. Приговорот на ЕСМ е нова околност според којашто прекинатата истрага за мазут може да продолжи, бидејќи ЕСМ е оштетено правно лице коешто ги побива изјавите на Коларевиќ и Абази како обвинителски тандем којшто им дал повластена улога и им поклонил поголема верба на исказите на Капушевски, Јахоски, Адријан Муча, Ерџан Сулкоски, а воопшто го немале ниту достапен Васко Ковачевски.

И затоа сметаме дека е време самото обвинителство да си ги искористи своите средства, своите институции за да ја коригира ваквата контроверзна и лукративна одлука на обвинителскиот тандем Коларевиќ и Абази.

Време е обвинителството да нема свои повластени бизнис или политички партнери и сите оние за коишто постои основан и сериозен сомнеж за незаконито дејствување при набавката на мазутот 167 милиони евра да одговараат како и секој друг осомничен и да имаат можност своите докази да ги изнесат пред судските органи – потенцира во изјавата Антонио Милошоски.

Поврзани вести