
Ве известуваме дека е објавен македонскиот превод на романот „Колач со лимон и афион“ од современата шпанска писателка Кристина Кампос, во превод на македонски јазик на Виолета Јагев. Станува збор за емотивна и топла приказна за семејството, женското пријателство, простувањето и храброста повторно да се почне од почеток.
Сместен на живописниот остров Мајорка, романот ги следи сестрите Анна и Марина, кои по долгогодишна разделеност повторно се среќаваат поради наследството што им го остава мистериозна жена: стара пекарница во малото гратче Валдемоса. Додека се обидуваат да ги откријат тајните од минатото, тие ќе мора да се соочат и со сопствените рани, пропуштени години и можноста за нов почеток.
Двете сестри имале многу различни животи. Анна речиси никогаш не го напуштила островот и е во брак со човек што не го сака повеќе. Марина, пак, патувала низ целиот свет како соработничка на „Лекари без граници“. Додека се обидуваат да ја откријат тајната што ја крие нивното наследство, ќе мора да се соочат со стари семејни конфликти.
Кристина Кампос нè вовлекува во свет полн со емоции и нè повикува да размислиме за вредноста на нашите корени и за важноста да се следат сопствените желби.
Прекрасна химна за семејството, љубовта, сестринската поврзаност, женската сила и за вторите шанси.
Книгата доживеа огромен успех во Шпанија и беше адаптирана и во филмска адаптација во режија на Бенито Замбрано. Критиката ја опишува како: „Возбудлив и убав роман со класичен сензибилитет.“ – Cineuropa „Нежна рефлексија за семејството, вторите шанси и храброста да се вратиш кон дел од себе што останал во минатото.“ – Casa del Libro. „Колач со лимон и афион“ е наменета за сите љубители на современата европска книжевност, семејни саги и емотивни приказни со силни женски ликови.
Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“ и на Министерствата за култура. Романот е достапен во книжарниците и преку дистрибутивната мрежа на издавачот.

Кристина Кампос (1975) е шпанска писателка. Во Барселона дипломиралa хуманистички науки, а своето образование го продолжила во Хајделберг (Германија), каде што специјализирала кинематографија и станала координаторка на Меѓународниот филмски фестивал од тој град. Со враќањето во татковината, започнала кариера во филмската индустрија, занимавајќи се со кастинг за филм и за телевизија. Последните неколку години пишувањето книги го усогласува со својата редовна дејност во аудиовизуелниот свет. Досега ги објавила романите: „Колач со лимон и афион“, кој постигнал голем успех и како книга и со филмската адаптација од 2021 година, и „Приказни за мажени жени“ (2022) со кој била финалист за наградата „Планета“ под псевдомот Габриела Аусман. Во брак е со режисерот Жауме Балагеро.

Македонски


