Skip to main content

Милошоски: Не ни треба движечка мета, туку остварлива понуда од ЕУ

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, Антонијо Милошоски, денеска учествуваше на панел-дискусијата на тема „Од визија до геополитички одговор: Проширувањето на ЕУ во новата геополитичка реалност“, организирана од Вилфред Мартенс центарот и Фондацијата Конрад Аденауер, по повод Денот на Европа 2026 година.

Конференцијата се одржа под наслов „Седум децении подоцна: Од визијата на Шуман до новите геополитички предизвици на Европа“, а поздравно обраќање имаше претседателот на Собранието, Африм Гаши. Покрај потпретседателот Милошоски, на панелот учествуваше и Петра Дракслер, амбасадор на Сојузна Република Германија.

Како што соопшти собраниската прес-служба, во своето обраќање, Милошоски се осврнал на процесот на европската интеграција на Македонија и пошироката дебата за иднината на проширувањето на Европската Унија. Тој потсети на изјавата на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, која при посетата на Македонија посочила дека по промената на уставното име ќе се отвори европската перспектива за државата, но дека веднаш потоа следувало француското вето.

Треба да ја разбереме комплексноста на Европската Унија. Европската комисија е наклонета кон процесот на проширување, но кај земјите членки постојат различни визии за идното проширување – истакна Милошоски.

Тој посочи дека во рамки на ЕУ постојат неколку различни пристапи кон проширувањето – од поддршка на постојниот модел, преку концептот за помал број членки со подлабока интеграција, до гледишта кои новото проширување го поврзуваат со идниот мировен договор за Украина. Според него, постои и група земји членки кои не се против проширувањето, но немаат посебен интерес за ова прашање.

Милошоски нагласил дека Европската комисија не носи конечни одлуки за проширувањето и дека секој чекор што ќе го преземе државата треба да биде поврзан со јасна и остварлива цел.

Нас ни треба искреност од страна на Европа, а не движечка мета во контекст на процесот на проширување. Сакаме да имаме кредибилна понуда која ќе биде остварлива, не само за нас, туку за сите земји аспиранти – рече Милошоски.

Тој оценил дека темата за проширувањето сѐ помалку е присутна во политичките дебати во одредени земји членки, посочувајќи дека во актуелната претседателска дебата во Франција речиси и да не се отвора прашањето за проширување на Европската Унија.

Во однос на билатералните односи со Бугарија, Милошоски посочи дека последната официјална посета на претседател на бугарското Собрание во земјава била во 2008 година, додека последната официјална посета на претседател на македонското Собрание во Софија била во 2009 година.

Парадоксално е што после потпишувањето на Договорот за добрососедство имаме реалност која е спротивна на насловот на овој договор – истакна Милошоски.

На крајот од дискусијата, потпретседателот Милошоски нагласи дека државата и земјите од Западен Балкан имаат потреба од конкретни интеграциски придобивки и проекти кои ќе ја приближуваат регијата до Европската Унија, посочувајќи ги интеграцијата во СЕПА и иницијативата „роаминг како дома“ низ ЕУ како позитивни примери за практична европска интеграција.(МИА)

Поврзани вести