Skip to main content

„Недозволиво е чувствителни теми што директно го засегаат правниот систем да се користат за собирање политички поени“: Филков со реакција по протестите

Фото: Facebook/Igor Filkov

Најостро реагирам на обидот, полагањето на  правосудниот испит да се претвори во поле за политички притисок и етничка конфронтација. Правосудниот испит не е прашање на политика, туку прашање на стручност, професионалност и почитување на правниот поредок на државата. Обидите да се прикаже законската обврска за познавање на македонскиот јазик како дискриминација се опасна манипулација со јавноста и директен удар врз уставниот поредок, се вели во реакцијата на министерот за правда, Игор Филков за протестите за полагање на правосуден испит на албански јазик.

– Македонскиот јазик е службен јазик на целата територија на Република Македонија и темел на институционалниот и правниот систем.

Недозволиво е чувствителни теми што директно го засегаат правниот систем да се користат за собирање политички поени или за создавање меѓуетнички тензии.

Правосудниот испит се спроведува согласно важечките закони и професионални стандарди, а не според дневно-политички агенди или притисоци од улица. Правото на протест е демократско право, но никој нема право преку насилни протести да бара уривање на критериумите и стандардите во правосудството – се нагласува во мејлот испратен до медиумите. 

Потоа додаваат дека Министерството за правда останува отворено за аргументиран институционален дијалог, но нема да дозволи девалвација на правосудниот систем, ниту поткопување на улогата на македонскиот јазик како столб на државноста и институционалниот поредок.

– Македонскиот јазик не е пречка — тој е обврска, уставна вредност и гаранција за функционирање на државата – се потенцира на крајот од соопштенеито.

Извор: Фактор.мк

Поврзани вести