
Светската здравствена организација (СЗО) денес објави дека случаите на ебола во Конго и соседна Уганда претставуваат „јавно-здравствена вонредна состојба од меѓународен интерес“, што не значи дека се исполнети условите за прогласување пандемија.
Иако нема прогласување пандемија, земјите што се граничат со Конго се изложени на висок ризик од ширење на вирусот, објави СЗО, како што објавија светските агенции. Според владината организација на ОН, новата епидемија на ебола во Конго одзеде 80 животи, а има најмалку 246 „сомнителни“ случаи во покраината Итури, како и во најмалку три други зони.
Министерството за здравство на Конго во петокот објави дека 80 лица починале од ебола во источниот дел на земјата.
Ова е 17-ти пат еболата да се појави во Конго од 1976 година, кога за прв пат беше откриена. Сегашниот сој на ебола е предизвикан од вирусот бундибугио, за кој нема одобрени лекови или вакцини, соопшти СЗО.
Сите претходни случаи на ебола, освен еден, беа предизвикани од сој за кој постоеше терапија. Лабораториски потврден случај е регистриран и во главниот град на Конго, Киншаса, и станува збор за лице кое се вратило од покраината Итури.
Во главниот град на Уганда, Кампала, се регистрирани два случаи, вклучувајќи еден смртен случај, и станува збор за луѓе кои пристигнале од Конго.

Македонски

