Skip to main content

Литванија и Македонија ја продлабочуваат соработката во дигитализацијата и безбедноста

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во наредните два дена ќе оствари официјална посета на Вилнус, Република Литванија.

Посетата е на иницијатива на Амбасадата на Република Литванија во Република Македонија и ќе се одвива според исклучително динамична агенда, која опфаќа средби на високо ниво и состаноци со државни институции надлежни за дигитализација, иновации и сајбер-безбедност.

На првиот ден од посетата, министерот Андоновски ќе оствари средба со Едвинас Грикшас, министер за економија и иновации на Република Литванија. Во рамки на престојот, министерот ќе оствари средби и со замениците-министри за надворешни работи и за национална одбрана на Литванија.

Посетата на министeрот Андоновски уште еднаш ги потврдува добрите односи меѓу двете земји, како и неодамнешната одлука на Владата за отворање на наша Амбасада во Вилнус. Амбасадата ќе има и поширока регионална улога, претставувајќи централна точка за покривање на останатите балтички држави во политичката, економската, културната, конзуларната и во другите сфери од заеднички интерес.

Република Литванија е меѓу најактивните членки на Европската Унија и НАТО во доменот на безбедносните политики и политиката на проширување на Унијата, како и држава која континуирано го поддржува процесот на европска интеграција на Република Македонија.

Поврзани вести