Skip to main content

Меџити: Казината се затвораат, следни се брзите кредити

Изет Меџити преку видео-обраќање на социјалните мрежи го поздрави донесувањето на новиот Закон за игрите на среќа, оценувајќи дека со него започнува, како што рече, „правната борба против коцката и комарот“.

Копретседателот на ВЛЕН порача дека со новите законски измени се исполнува ветувањето за заштита на семејствата од негативните последици на коцкањето, а најави и нови мерки насочени кон регулирање на брзите кредити.

Во својата порака Меџити истакна дека законот предвидува воведување минимално растојание од 500 метри меѓу објектите за игри на среќа и училиштата, како и забрана за рекламирање на коцкање.

Тој нагласи дека се воведуваат и построги правила со цел поголема заштита на граѓаните и семејствата.

„Со години се зборуваше и протестираше против коцкањето, а казината секојдневно се множеа. Денес, без протести и без врева, носиме конкретни законски решенија“, порача Меџити.

Тој додаде дека, според него, политичките ветувања треба да се претвораат во реални мерки, а не во пропаганда.

На крајот од обраќањето најави дека по прашањето со казината, следен фокус ќе бидат брзите кредити.

„Казината се затвораат, на ред се брзите кредити“, изјави Меџити.

Поврзани вести