Skip to main content

Фирмата Мастеф во периодот од 2018-2021 година била една од најомилените на градоначалниците на СДС во дел од скопските општини кои и доделиле милионски тендери

Кога нешто зборува СДС, добро е да ги согледаат сите факти и јавно да им ги презентираат на македонската јавност, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Политиката не е шведска маса, па да бираш што ти се допаѓа да земеш и за тоа да зборуваш, а што не ти се допаѓа да ставиш под тепих.

Политиката и јавните настапи се сериозна и одговорна работа, која бара доследност и јавно презентирање на фактите.

Во тој контекст, кога СДС одлучи од шведската маса да земе само тоа што им одговара, наша обврска и должност е да ги презентираме фактите.

Фирмата Мастеф дооел Скопје за којашто денес зборуваше СДС, очигледно била една од најомилени фирми на нивните поранешни градоначалници, само тоа на прес-конференцијата заборавија да го кажат.

Така во периодот на власт на СДС со голем дел од македонските општини оваа фирма била една од ретките која добивала најмногу тендери, особено од скопските општини.

Во периодот од 2018 до 2021 година омиленава фирма на градоначалниците на СДС добива повеќе тендери во милионски износи од општина Карпош, Кисела Вода, Аеродром сите раководени од градоначалници кадри на СДС.

Во 2018 година Мастеф добива седум тендери во вредност од 9.569.788 денари од општина Карпош, во 2019 година 5 тендери од општините Карпош и Аеродром во вредност од 10.320.508 денари.

Во 2020 се приклучува и општина Кисела Вода во доделувањето тендери на истава фирма која од веќе постојаните Аеродром и Карпош, добила вкупно 8 тендери во вредност од 50.265.142 денари.

Додека во 2021 година овие три општини под раководство на кадрите на СДС на фирмата Мастеф им доделиле 6 тендери во вкупна вредност од 47.100.000 денари.

Кога веќе се обидува нешто да прави таканаречениот антикорупциски тим на СДС, добро би било да го прошири опсегот на анализа, па нека испита и нека ги наброи бројот на тендери и нивната вредност коишто ги добила оваа фирма од институциите раководена од нивните партиски кадри.

Што се однесува до јавните набавки за коишто зборуваат, ги потсетуваме дека е сè согласно закон и избрани се најповолните понуди како што предвидува законот.

Претходно членот на извршниот одбор на СДСМ Јон Фрчкоски на денешната прес-конференција објави како што рече „нов скандал“ за како што ја нарече „омилената фирма на власта“ Мастеф која добила 93 тендери со вкупна вредност од 18,3 милиони евра

Шемата е добро позната и разработена. Ова е корупциски систем во кој едни исти фирми добиваат сè. На локално ниво. На централно ниво. Во институциите, општините, сите раководени од кадри на ВМРО-ОКГ. Така се испумпуваат парите на народот, бездушно. Денеска откриваме нов скандал. Нова омилена фирма на ВМРО-ОКГ. Фирмата МАСТЕФ ДООЕЛ, блиска до власта, добила дури 93 тендери. Вкупната вредност? Над 18,3 милиони евра. Народни пари. Нема ситни пари кога е ВМРО-ОКГ во прашање. Најголеми суми се реализирани во Скопје, каде е и последниот тендер за Луна парк, истата фирма. Кога Орце ветуваше чистење на градот очигледно мислел на џебовите на граѓаните, бидејќи ѓубрето стои. Пари се чистат на големо. Државата тоне во долгови. Граѓаните едвај преживуваат. Скопје е во хаос. А власта дели милиони на омилените фирми. 93 тендери. Замислете која огромна бројка е тоа. Колку само време е потребно да се спремат 93 тендери, само за една фирма. Ете затоа во Македонија нема реформи, нема европско обвинителство, нема ЕУ, рече тој.

Според него, криминалот и корупцијата е најголемата закана за Македонија.

Колку повеќе сме далеку од Европа, толку повеќе простор има за местење тендери, за богатење на блиски фирми и за организиран грабеж на државата. Прашањето е: До кога Јавното обвинителство ќе молчи? Или чека обвинителот насоки по телефон од премиерот Мицкоски? Колку скандали треба да објави АКТ на СДСМ за конечно институциите да почнат да работат? СДСМ нема да молчи. Ќе продолжиме да ги разобличуваме сите криминални шеми на ВМРО-ОКГ. Секој тендер. Секоја фирма. Секој милион народни пари. Доаѓа време на одговорност, правда и вистина, рече Фрчкоски.

Поврзани вести