
Вечерва, на 14 мај, концертната сала на Филхармонија ќе стане сцена на врвна емоција, гламур и музика со светски сензибилитет. За првпат, македонската публика ќе има можност да ужива во настап во живо на оваа регионална поп-ѕвезда.

По години успешна кариера и безброј хитови кои го одбележаа регионот, Емина доаѓа во Скопје со специјален концертен концепт, подготвен ексклузивно за оваа вечер. Публиката ќе има ретка можност во живо да ги слушне песните што оставија силен печат, како „Дал она зна“, „Вукови“, „Мед“, „Пиле моје“, „Лимунада“ и многу други, изведени во поинаква, поинтимна атмосфера.
Ова нема да биде само концерт, ова ќе биде искуство. Вечер во која музиката зборува повеќе од зборовите, а секоја песна носи своја приказна. Амбиентот на Филхармонија дополнително ќе ја засили магијата, создавајќи атмосфера и вечер што долго ќе се памети.
Организатор на овој ексклузивен музички настан е Евентум продукција, која најавува продукција на високо ниво и вечер достојна за најголемите регионални имиња.
Пред вечерашниот концерт, разговаравме со Емина Јаховиќ за настапите, како ја доживува македонската публика, козметичката линија…

Ова е Ваш прв солистички концерт во Скопје. Зошто токму сега е вистинскиот момент за оваа средба?
Ова е мој прв солистички концерт во Скопје и многу сум среќна што ќе се дружам со македонската публика. Инаку, јас се чувствувам своја во Скопје, бидејќи долго време работев со Дарко Димитров. Правевме музика со него и од овој град излегоа многу мои хитови, како „Експлозив“, „Вукови“, „Лимунада“…кои е навистина големи хитови што публиката ги сака. Едноставно се чувствувам како да сум се вратила дома.
Избравте интимен и гламурозен амбиент како оној на Филхармонијата. Како овој простор ќе влијае на интерпретацијата на Вашите најголеми хитови како „Дал она зна“ и „Вукови“?

Моите песни и целата турнеја „Свитања“ мисам дека одговара на тој амбиент. Исто така и бендот кој доаѓа со мене се вклопува некако во сето тоа. Дел од музичарите се дел од Белградската Филхармонија, така што мислам дека ќе биде интересно за публиката и дека тоа е вистинското место за овој концерт.
Што е она што Вие најмногу го цените кај македонската публика?
Емоцијата. И таа топлина што ја имаат и љубовта кон музиката. Тие едноставно ја негуваат музиката. Тоа е она што најмногу го ценам, а што воопшто не може да се сретне никаде на друго место во регионот.
Вашиот концерт е дел од турнејата под името „Svitanje“ (Свитање). Која е главната порака или емоција која сакате да ја пренесете со ова ново поглавје во Вашата кариера?
Главната порака е дека : Колку и да е тешко, во секоја смисла на тој збор, се случува разденување. По мракот доаѓа Сонцето и човекот треба да се чувствува добро во својата коѓа и од ѓивотот да го очекува најдоброто и најубавото.
Која песна од Вашиот репертоар сметате дека најдобро ја опишува Вашата моментална животна фаза?
Уффф, да размислам, тоа е тешко прашање. Па да речеме дека е тоа – „Се заљубив“. Да манифестираме нешто што е добро.

Кажете ни нешто повеќе за Вашиот козметички бренд? Од каде идејата? Што содржи? Работите ли на некои новини во тој дел? Бевте и во дизајнерските води извесно време?

Како што поради козметичката линија мојата музика отиде во втор план, сега поради музиката, козметиката е во втор план. Но, тоа не значи дека така ќе остане. Планирам да и се вратам на козметиката и да произведувам повторно прекрасни производи кои беа мошне успешни и се наоѓаа во козметичките торбички на многу дами ширум регионот и планирам таму да се вратам.
Разговараше: Невена Поповска
фото: Република/ приватна архива

Македонски


